Јубилејното, 20-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности се одржа од 2-ри до 5-ти октомври во киното на Железничката зграда во Скопје под тематската рамка „Како се прави“.
Во рамките на четиридневниот фестивал, кој е основан во 2006 година, и е еден од фестивалите во земјава што има најдолг континуитет на одржување, се организираа повеќе изложби, проекции, разговори и предавања, работилници и музички настани… Дел од фестивалот беа многу домашни но и странски гости како Зорица Милисавлевиќ – Милојковиќ (Урбани Оази, Белград), Борис Бакал (Фрлачи на сенки, Загреб), Давид Нил Морси и Кристин Лаз (Floating University, Берлин), ОПА (ЗаУМ архива), Славчо Димитров (Викенд на Гордоста, Скопје), Борис Бакал (Фрлачи на Сенки, Загреб), Кристина Леловац (фестивал Прво па женско, Скопје), Димитар Самарџиев (Бостание – општествена градина, Скопје), Виолета Качакова и Филип Тасевски (ЗЕМЈОТРЕС фестивал на независна музика), Пијан Славеј, група Сиз, група Трето колено и други.
Целата програма беше концентрирана во новоотворената Лабораторија за просторно перформативни – практики Градот како сцена лоцирана во киното на Железничката зграда во Скопје а преднастанот беше одбележан со предавање на архитектот Даниел Кунерт од Арх плус (ARCH+), водечкото германско списание од областите на архитектурата и урбанизмот, основано во 1967 година во духот на еманципаторско самопросветлување, и кое критички ги разгледува општествените аспирации на изградената средина во кварталните изданија.
„АКТО, од позиција на вонинституционален сектор, 20 години по ред создава простор за колективност и критичност, локална и интернационална соработка, место за споделување и дијалог“, велат од Факултет за работи што не се учат – ФРУ, организатори на фестивалот.

Упорност и заедница – тајната на 20 години опстанок
Хрватскиот режисер и уметник Борис Бакал, долгогодишен соработник на АКТО, вели дека успехот на еден ваков независен фестивал лежи во упорноста и заедницата.
– Па мислим, прије свега овај основна ствар је упорност. То је нека тврдоглавост, упорност… Али с друге стране не може се радити без заједнице. Станарите многу помогнаа и поддржаа. Она што фали е званична поддршка – одлука на градот или државата да се грижи за вакви простори и иницијативи“, изјави Бакал, нагласувајќи дека АКТО е „витрина на македонската креативност и упорност“.

Гете-институт: Партнери, а не само поддржувачи
Катрин Оствалд Рихтер од Гете-институт Скопје истакна дека институцијата не гледа на себе како обичен финансиер, туку како активен партнер.
– Многу ни е важно да постои размена – не само да покануваме гости од Германија, туку заедно со локалните партнери како АКТО да градиме процес. Овој простор во Железничката зграда го гледаме како важен ресурс, не само за уметноста туку и за заедницата“, изјави Рихтер.
Таа додаде дека Гете-институт, и покрај долгото присуство во Македонија, и сам се соочува со предизвици при наоѓање соодветен простор – ситуација што уште повеќе ја нагласува важноста на независните иницијативи.

Градот како училница – искуството од Берлин
Кристин Лазарова од Floating University – Берлин, партнери на АКТО во рамки на проектот „Еколошки иднини“, го подвлече значењето на некомерцијалните простори.
-Гледаме голема потреба за ваков тип простори – за дружење, за учење надвор од институциите. АКТО работи со реални луѓе, со реални проблеми, во реален урбан контекст. И тоа создава вистинска вредност“, рече Лазарова.
Како се прави култура во контекст на неизвесност?
Годинашното издание на АКТО се обидува да го одговори токму прашањето од насловот: како се прави култура? Како се создаваат изложби, фестивали, перформанси во услови на институционална и финансиска несигурност, но и со силна верба во заедницата, солидарноста и уметничката слобода?
„Она што навистина се брои е истрајноста – способноста да се издржи, да се создава дури и кога контекстот се менува“, порача тимот на АКТО преку кампањата „Годините се само бројка“.