Отворањето на Pets.mk , првиот специјализиран портал за миленици во Македонија не е само лансирање на нов медиум, туку кулминација на долгогодишна активистичка борба за подобар однос кон животните, поодговорно сопствеништво и функционален систем што ќе ги решава проблемите наместо да ги турка проблемите „под тепих“.

Зад порталот стојат новинарите Мери Јордановска и Огнен Чанчаревиќ, препознатливи по нивниот активизам за заштита на животните. Симболично, Pets.mk започна со лична приказна, спасувањето на кучето Љиљана и нејзиното братче, фрлени покрај контејнер со нивната мртва мајка. Приказна која, за жал, не е исклучок, туку правило во земја каде системските решенија сè уште изостануваат.
Pets.mk нуди проверени и рецензирани едукативни содржини од доктори по ветеринарна медицина, вести од земјава и светот, инспиративни приказни за вдомување, но и првата национална база на податоци со ветеринари, пет-шопови, грумери, пет-френдли локации и организации – алатка што треба да им го олесни животот на сопствениците, но и да помогне во градење поодговорна заедница.
Во интервјуто, Мери Јордановска отворено зборува за тоа зошто Македонија и понатаму има илјадници бездомни кучиња, зошто казнената политика е речиси симболична, дали се прикрива проблемот со пренесување кучиња од други градови и што покажуваат искуствата од европските земји. Нејзините одговори не се теоретски, туку произлегуваат од долгогодишна активистичка работа, лични трошоци и директен судир со системот систем кој, како што вели, со години потфрла на сметка на животните и граѓаните.

Tрн: Во последните недели актуелно беше повторното носење кучиња од други градови во Скопје. Дали е тоа решение или прикривање на проблемот?
Мери: Ова прашање многу одамна требаше да биде покренато на ниво на ЗЕЛС, со оглед на тоа што постојат бројни очевидци на истоварање кучиња од комбиња со регистерски таблички од други градови, особено од Западна Македонија. Граѓаните сами сведочат дека глутници од по 10-20 кучиња, кои првпат ги гледаат, наеднаш се истовараат на територија на Скопје, тие се дезориентирани, а дел од нив имаат и маркички од други градови. Ова не само што не го решава проблемот, туку уште повеќе го продлабочува. Да се префрли одговорноста на друг град или општина и да му се истовараат бездомни животни говори само за примитивноста во која живееме и за очигледната неспособност да се справиме со еден проблем кој требаше да биде решен пред неколку децении, како што е впрочен решен насекаде низ Европа.
Tрн: Каде најмногу потфрла државата во законите или во нивната примена?
Мери: Државата потфрла на повеќе нивоа – и во однос на законите и во однос на нивната (не) примена. Срамно е дури да се каже дека многу поголема казна ќе добиете ако вашето возило го оставите на сред улица и си заминете, отколку ако го оставите вашиот миленик на среде улица и си заминете. Срамно е да се каже дека вашето возило мора да го регистрирате (во спротивно добивате казна), но ако вашиот миленик не го чипирате (што е еднакво на „регистрација на сопствеништво“), воопшто не треба да сте загрижени, бидејќи тоа никој нема да го провери, ниту пак да го казни. Така што, кај нас изостанува и казнената политика, но и примената на постојните закони, кои предвидуваат дека секој сопственик на миленик мора да го чипира кучето, за да биде познато од каде потекнува, доколку истото се најде на улица. Ова значи дека ние сѐ уште гребеме по дното и уште одиме надолу. А да не заборавиме дека овде зборуваме за живи единки кои понатаму се размножуваат, па оттаму не знам како воопшто се планира решавање на проблемот доколку немаме казнени политики во однос на нечипирање и напуштање.

Tрн: Колку неодговорното сопствеништво придонесува за зголемување на бездомните кучиња?
Мери: Неодговорното сопствеништво е причина број 1 за прекубројната популација на бездомни кучиња по улиците. Каде во светот вие можете да видите бишони, пинчери, кангали, питбули, ротфајлери, малтезери, акити, слободно да се шетаат по улици, без никаква трага за тоа кој е нивниот сопственик? Тоа значи дека некој ги купил (или вдомил), кучето набрзо им се здосадува или не можат да го чуваат и потоа како смет го исфрлаат на улица, каде што понатаму се размножува и на улиците добиваме нови и нови бездомни единки, а од друга страна имаме само еден стационар, ЈП Лајка, со преполни капацитети од само 150 боксови и никакви казни за неодговорните сопственици? Со вакви политики, не можеме да очекуваме ништо друго освен глутници кучиња по улиците – глетка што реално не одговара никому, ниту на љубителите на кучиња, ниту пак на оние што не ги сакаат.
Tрн: Дали казнената политика во Македонија има реален ефект или е симболична?
Мери: Во Македонија едноставно не постои казнена политика. Ако јас денеска го спарам моето куче и тоа роди 10 нови единки, јас можам да ги продадам на Фејсбук, да заработам од тоа, а тие кучиња за месец или два да завршат на улица и никој да не знае од каде потекнуваат. Ако јас не си го чипирам миленикот, и по некоја ретка случајност заработам казна, тоа е некоја симболична сума од над 1000 денари, исто колку и казната ако си го оставам миленикот на улица и си заминам. Во моментов се работи на законски измени и заострување на казните, но искрено не очекувам големи поместувања доколку не се зголеми бројот на инспектори во Агенцијата за храна и ветеринарство и доколку не се формира посебен инспекторат во Град Скопје кој ќе биде надлежен единствено за оваа проблематика. Бидејќи оваа проблематика е сериозна и ги засега сите граѓани. Јас, како активист, трошам сериозни суми пари да ги тргнам тие кучиња од улица, да ги третирам и да им најдам дом, а од друга страна, сосема оправдано, има граѓани на кои едноставно им пречат и не сакаат со страв да се движат на јавните простори.

Tрн: Што покажуваат искуствата од други европски земји што ние не го правиме?
Мери: Како прво, сериозни и ригорозни казни. Забрана за размножување на кучиња доколку не поседувате регистрирана одгледувачница. Ако сакате да го спарувате своето куче, ќе си регистрирате одгледувачница, ќе си плаќате данок на државата и ќе се знае точно која единка во чии раце завршила. Доколку таа единка се најде на улица – тогаш казните не смеат да бидат симболични, туку ригорозни.
Како второ, во Град Скопје проценката е дека има речиси 6000 бездомни кучиња. Како надлежните очекуваат ЈП Лајка со капацитет од стотина боксови да се погрижи за сите нив, да ги кастрира/стерилизира, вакцинира против беснило и да ги врати на локација? Дури и да заловуваат 20 кучиња дневно, ние во истиот тој ден имаме дупло повисока бројка на оставени односно нови напуштени кучиња, што значи дека постојано се вртиме во круг. Што ни кажува ова? Дека едноставно немаме мерки против оние кои не ги чипираат и ги напуштаат своите миленици.
Ќе ви кажам само еден пример. Во Белгија бев сведок кога кучето на моја пријателка ја рипна оградата од дворот и избега на улица. За само 15 минути, инспектори од Animal Police и дојдоа на врата, го донесоа кучето и казната што требаше да ја плати изнесуваше 500 евра. Тука немаше преговарање, ниту пак објаснувања од типот „ама рипна преку ограда“. Тие беа крајно децидни – кучето е ваше, одговорноста е ваша, а ние го најдовме на јавен простор. Казната мораше да си биде платена.
Tрн: Дали јавните прифатилишта стануваат „крајна станица“ наместо привремено решение?
Мери: Кај нас, да. Во ЈП Лајка половина од боксовите се зафатени од кучиња кои едноставно немаат каде да се вратат. Да речеме, најден е мал бишон или пинч на улица, без разлика дали газдите се откажале од него или пак едноставно бил испуштен. Тоа куче нема на која територија да се врати, бидејќи ниту има територија, ниту пак би се снашло на улица. Или, да речеме питбул, или кангал, раси на кучиња кои едноставно не можат да се вратат на улица, престојуваат во Лајка со години и години, чекајќи некој да ги вдоми. Затоа и толку се промовира вдомувањето, наспроти купувањето, со цел да се спаси еден живот, а да се ослободи простор за да влезе друго куче кое не може да биде на улица.
Tрн: Кое е најбрзото и најреалното решение за намалување на бројот на бездомни кучиња?
Мери: Досега се покажа дека најбрзо решение нема, има само систематско решение каде што проблемот ќе се разгледа од сите страни и буквално ќе се „удри“ од сите страни, за после 2-3 години да ги видиме првите бенефити. За некој можеби ќе боли, но едноставно друг начин не постои.
Како прво, менување на законите. Забрана за продажба/вдомување на куче ако не е чипирано, за доколку се најде на улица, да се знае веднаш кој е сторител на делото. Забрана за ветеринарите да прегледуваат домашно куче без чип, освен ако не се работи за ургентна ситуација (удар од кола и сл.). Данок за нестерилизирани/некастриранимиленици. Доколку сакате да го парите миленикот и да произведувате нови единки, ќе си регистрирате одгледувачница, ќе плаќате данок на државата, а новите единки ќе се внесуваат во системот на АХВ, за потоа да се следат каде завршуваат. Сериозни казни за сите кои не ги чипираат милениците, нешто што чини едвај 1000 денари, а може да се провери само со еден читач за чипови и една прошетка низ парковите. Сето ова е лесно изводливо доколку се сменат два закона, се прошират капацитетите на АХВ, се воведе инспекторат во рамките на Град Скопје и се едуцира населението дека поседувањето миленик е долгорочна обврска, а не играчка со која децата ќе се забавуваат неколку месеци пред да заврши на улица.
