Активистите реагираат – „Safe City“ не гради безбедност, туку страв

Активисти предупредуваат дека Safe City создава страв, не безбедност. По донесувањето на законот, расте прашањето: дали камерите и казните го решаваат сообраќајниот хаос или само го прикриваат проблемот?

„Safe City не гради безбедност, туку страв.“ Ова е реакцијата што ја отвори јавната дебата по стапувањето во сила на Законот за безбедност во сообраќајот со кој системот Safe City доби централна улога во контролата и санкционирањето на сообраќајот низ Македонија. Наместо чувство на заштита, дел од граѓанските активисти предупредуваат дека државата воведува модел на постојан надзор кој го менува односот меѓу граѓаните и јавниот простор, од заедничка одговорност кон култура на страв и казна.

Реакцијата доаѓа непосредно по донесувањето и почетокот на примената на законските измени што овозможуваат масовна употреба на камери за автоматско детектирање прекршоци, зголемени казни и минимална можност за човечка проценка на конкретните околности. Критичарите велат дека наместо суштинска реформа на сообраќајниот систем, државата избрала технолошко решение што ја третира последицата, а не причината.

„Safe City не гради безбедност, туку страв. Наместо култура на грижа и споделена одговорност за заедничкиот простор, добивме постојан полициски надзор и казни како единствен мотиватор. Со тоа луѓето нема да станат повнимателни, туку поцинични и пофокусирани на тоа како да се измолкнат без да бидат фатени. Казните само го потхрануваат менталитетот на ‘секој за себе’, а тој е меѓу основните причини за фаталните сообраќајни несреќи.

И секако дека не функционираат: бројот на повредени пешаци не е значително намален, а причините за сообраќајниот хаос остануваат исти – нехумано просторно планирање, нефункционален јавен превоз и преоптоварена инфраструктура што ги тера луѓето да зависат од кола, борејќи се за паркинг или за 10 секунди зелено светло.

Со Safe City како да сме залепиле фластер врз отворена рана. Наместо системска трансформација на сообраќајот, државата ни наметна скап технолошки надзор купен од израелската воена компанија Elbit Systems – компанија што профитира од војна и масовно уништување. Ако ова е нашата визија за ‘безбедност’, тогаш проблемот не е само во сообраќајот, туку во вредностите што ги прифаќаме како општество, дозволувајќи им на нашите ‘претставници’ да го злоупотребуваат јавниот страв за свој личен профит“, смета активистката Марија Арсенкова.

Што е Safe City и кога е воведен

Системот Safe City беше најавуван со години како клучна алатка за намалување на сообраќајните несреќи, особено оние со тешки последици. Системот камери, кој автоматски регистрира прекршоци како пречекорување на брзина, минување на црвено светло и непрописно движење, почна да се воведува по пример на слични решенија во други земји. Формално, неговата цел е зголемување на безбедноста и дисциплината во сообраќајот.

Сепак, вистинската примена започна дури со законските измени што овозможија масовно санкционирање без директен контакт меѓу полицијата и возачите. Токму ова, според критичарите, го претвори Safe City од алатка во симбол на репресивен пристап кон јавниот простор.

Ефекти има и што недостасува?

Иако институциите тврдат дека системот ќе даде резултати на подолг рок, досегашните податоци не покажуваат драматично подобрување на состојбата. Бројот на сообраќајни несреќи со тешки последици не е значително намален, а пешаците и понатаму остануваат меѓу најранливите учесници во сообраќајот.

Експертите и активистите предупредуваат дека безбедноста не се гради само со камери и казни. Таа зависи од квалитетно урбано планирање, функционален и достапен јавен превоз, безбедни пешачки и велосипедски патеки и инфраструктура што ги става луѓето пред автомобилите. Во отсуство на тие системски решенија, Safe City останува технолошка интервенција што го контролира однесувањето, но не ги менува условите што го создаваат проблемот.

Дебатата околу Safe City, затоа, одамна ја надмина темата за сообраќај. Таа се претвори во прашање за тоа какво општество градиме општество на доверба и грижа или општество во кое стравот од казна е единствениот механизам за ред.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни