Актерот Питер Грин, познат по улогата на Зед во „Палп фикшн“, почина во Њујорк

Американскиот актер Питер Грин, кој јавноста најмногу го памети по улогите во култните филмови „Pulp Fiction“ и „The Mask“, почина на 60-годишна возраст.

Неговото тело било пронајдено во станот во населбата Долниот Ист Сајд во Њујорк, а информацијата за смртта ја потврди неговиот долгогодишен менаџер Грег Едвардс.

Според податоците од полицијата, Грин бил пронајден без знаци на живот во петокот, 12 декември, околу 15:25 часот, по што бил прогласен за мртов на самото место. Причината за смртта засега не е официјално утврдена, но надлежните соопштија дека нема индиции за насилство.

Менаџерот изјави дека во станот на актерот наводно свирела музика повеќе од 24 часа, што предизвикало сомнеж и довело до проверка. Едвардс посочи дека неодамна разговарал со Грин и дека веста за неговата смрт го погодила длабоко. „Тој беше исклучителен актер и човек со големо срце. Загубата е огромна“, изјави тој за американските медиуми.

Грин остави силен печат во филмската индустрија преку улоги на интензивни и често застрашувачки ликови. Особено остана запаметен како Дориан Тирел во „The Mask“, каде настапи покрај Џим Кери и Камерон Дијаз, како и по улогата на Зед, садистичкиот лик од „Pulp Fiction“ на Квентин Тарантино.

Во текот на кариерата, тој оствари речиси 95 филмски и телевизиски улоги, меѓу кои „The Usual Suspects“, „Clean, Shaven“, „Blue Streak“ и „Training Day“. Грин имаше и активни ангажмани, во јануари требаше да започне со снимање на трилерот „Mascots“ со Мики Рурк, а беше најавен и како дел од криминалната драма „State of Confusion“, планирана за 2026 година.

Веста за неговата смрт предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде обожавателите го опишуваат како еден од највпечатливите карактерни актери во Холивуд. Многумина истакнуваат дека неговите појавувања на екранот секогаш носеле силен интензитет и незаборавни сцени.

Зад темните и комплексни улоги, Грин водел и турбулентен личен живот. Рден во Монтклер, Њу Џерси, на 15 години го напуштил домот и извесно време живеел на улиците на Њујорк. Подоцна јавно зборуваше за борбата со зависноста и за обидот за самоубиство во 1996 година, по што побарал професионална помош.

Питер Грин зад себе остава брат и сестра. Неговата смрт е уште еден тежок удар за филмската заедница, која годинава веќе се збогуваше и со актерот Мајкл Мадсен, исто така чест соработник на Тарантино, кој почина во јули на 67-годишна возраст.

Извор: Независен

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни