Актерката Џенифер Гарнер изгубила пријателка во пожарите, доброволно помага на преживеаните

Американската актерка Џенифер Гарнер по смртта на пријателката која не стигнала на време да го напушти нејзиниот дом зафатен во пожар во Лос Анџелес изјавила дека се чувствува виновна што преживеала.
Фото: X/@BernieSanders

Гарнер води група волонтери составена од познати личности од светот на забавата кои им помагаат на погодените од пожарот.

Гарнер е една од волонтерите кои помагаат во дистрибуцијата на храна за евакуираните и одговорните за итни случаи, работејќи заедно со Хозе Андрес, шеф на добротворната организација Светска централна кујна, на една од низата привремени локации во Калифорнија.

Во видно потресена состојба, Гарнер, среде урнатините на градот кој е нејзин дом веќе 25 години, потврди за MSNBC дека „изгубила пријателка“, но мислела дека „сè уште не е време да се зборува за тоа“. Таа, исто така, рече дека нејзината методистичка црква, „полна со откачени и прекрасни луѓе, главно од работничката класа“, била тешко погодена.

Таа потврди и дека самата црква изгорела до темел и дека нејзиното „срце крвари за нејзините пријатели“.

„Уништени се 5.000 домови. Можам да направам список со 100 пријатели кои ги загубија своите домови. Се чувствувам речиси виновна шетајќи низ мојата куќа. Што можам да направам, како да помогнам, што можам да понудам“, изјави актерката.

Бројни холивудски ѕвезди споделија повици за помош при евакуации и донации на социјалните мрежи, пофалувајќи ги пожарникарите и добротворните организации.

Шерон Стоун ги повика колегите да им понудат помош на центрите кои дистрибуираат храна, облека и други потреби. Хали Бери објави дека ја „спакувала целата облека“ за да ја донира на раселените, заблагодарувајќи и се на колешката Шерон Стоун за преземањето иницијатива.

Во донациите се вклучија и војводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и Меган Маркл.

Оскаровката Џејми Ли Кертис и нејзиното семејство најавија фонд вреден еден милион долари за поддршка на жртвите.

Некои филмски ѕвезди исто така ги загубија своите домови во пожарите, вклучувајќи ги Парис Хилтон, Били Кристал, Кери Елвис, Џеф Бриџис и Мел Гибсон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни