Во духот на интеграцијата кон ЕУ, Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, истакна дека усогласувањето со европските стандарди за правата на уметниците е не само обврска, туку и потврда на заложбата за поддршка на креативните индустрии. Според него, регионалната акција е неопходна за актерите да добиваат праведна компензација, особено на стриминг платформите, каде што дигиталната трансформација отвора нови предизвици и можности.
Амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер, ја потенцираше важноста на ЕУ директивите за заштита на правата на изведувачите, додавајќи дека Словенија постигнала значителен напредок преку долгогодишен труд и дијалог со владата. Од страна на Делегацијата на ЕУ, Марија Канелопулу посочи на заостанувањето на регионот во имплементација на директивите и на потребата од поголема транспарентност и ресурси за нивно спроведување.
Конференцијата, организирана од АЕПО-АРТИС и АЗАС Скопје, со поддршка на Министерството за култура и туризам и во соработка со словенечката АИПА, пренесе важни заклучоци и го постави фокусот на колективното управување со правата на актерите, прилагодувањето кон дигиталната ера и креирање нови иницијативи кои ќе ја поддржат културната разновидност.