Актерката Бранка Катиќ ги поддржа студентите и студентките кои се веќе неколку дена во блокада на факултетите и ректоратите ширум Србија. Бранка Катиќ во видео обраќањето до студентите и студентките во блокада кажа дека тие започнале „нешто величествено“.
„Покренавте нешто што ќе ви овозможи на сите вас, а и на нас со вас, да живееме во некоја подобра држава. Во држава каде што постои одговорност, каде што е невозможно да загинат 15 луѓе, а никој да не одговара за тоа“, изјави Катиќ во своето обраќање.
Во држава во која никој не е над законот, туку сите сме, како што истакна Катиќ, еднакво одговорни за своите постапки.
„Ние ви се восхитуваме. Ние ве сакаме и ние сме со вас. Браво, наша омладино“, порача Катиќ.
И актерот Милош Биковиќ го сподели на својот Инстаграм профил официјалното соопштение на Здружението на драмски уметници на Србија во кое се повикува на поддршка за студентските барања и блокадите. Потписник на истото е претседателот на Здружението, актерот Небојша Дугалиќ, пренесува nova.rs.
„Сведоци сме на неприфатлив пораст на насилството во нашето секојдневие. Верујќи во нашите институции, студентите ширум земјата бараат од сите кои обавуваат јавни функции да дејствуваат во согласност со принципите на одговорност, солидарност и праведност, кои претставуваат темелни културни вредности“, се вели во соопштението.
„Здружението на драмски уметници на Србија повикува сите претставници на установите за култура во Република Србија: нивните управници, директори како и вршители на должности на овие функции, да јавно и безрезервно ја поддржат студентските барања и блокадите како вид на протест. Бројни поединци и уметнички ансамбли на театри тоа веќе го направиле и ние апелираме до раководителите на установите да се придружат на своите вработени и работно ангажирани, и на тој начин да станат во нивната заштита. Повикуваме и членството на Здружението да истрае во поддршката на студентите, користејќи ги сите правни механизми кои им се на располагање.“
„Како долгогодишни соработници на Радио-телевизија Србија, од оваа куќа бараме да информира точно, неутрално, целосно и навремено за студентските барања и актуелните блокади на високошколските установи, кои во овој момент се околу 40, исполнувајќи ја на тој начин својата улога на јавен медиумски сервис. Секоја погрешна интерпретација на соопштението на Здружението која се оддалечува од нивната суштина како и злоупотребата за целите на меѓу-патриотско разединување ја сметаме за злонамерен чин кој дополнително поттикнува насилство“, се заклучува во соопштението.
И српските алтернативни рок бендови кои го сочинуваат колективот Хали Гали, како и колективот Кишобран, ги поддржаа студентите кои блокираат факултети и ректорати во борбата за остварување на барањата.
„Сметаме дека блокадата на факултетите е важен сигнал и повик за сите институции и организации да се вклучат активно во борбата за побезбедно и подобро општество“, се вели во објавата на Инстаграм профилот на колективот Хали Гали.
Тие ги повикаа своите колеги од светот на музиката, организацијата „Сокој“, бендови, кант автори, организатори, клубови, фестивали и целата музичка индустрија да ја поддржат јавно „оваа храбра студентска иницијатива“.
Колективот Хали Гали го сочинуваат бендовите Коикои, Визел, Шајзербитерлемон, Ситзпинкер, Прото тип, Газарпазарп, Св. Псета, Убиле Батлера, Дејз, Кактус Филдс и други.
Колективот досега објави два компилациски албума на кои се наоѓаат песни од сите бендови, а на годишно ниво организира неколку фестивали кои се одржуваат во Србија и регионот.