Територијалното разграничување меѓу Украина и Русија била централна точка на петчасовните интензивни разговори меѓу делегациите на САД и Украина во Флорида, дознава „Аксис“ од високи украински извори.
Состанокот бил оценет како тежок, но конструктивен, со јасна цел — да се постигне напредок во дефинирањето на линијата што би била основа на потенцијален мировен договор.
Американската страна, предводена од специјалниот пратеник Стив Виткоф, државниот секретар Марко Рубио и советникот Џеред Кушнер, настојувала да дојде до позиција која Виткоф ќе може да ја презентира пред Владимир Путин на претстојната средба.
Од украинска страна учествувале советникот за национална безбедност Рустем Умеров, генерал Андриј Гнатов и разузнавачкиот функционер Вадим Скибицки. Единствената суштинска тема — каде би се повлекла идната фактичка граница.
По главните разговори, Умеров одржал и посебна средба со Виткоф, а потоа го известил претседателот Зеленски за можните насоки на компромис. Украинските претставници велат дека ги ценат напорите на САД, но предупредуваат дека секоја одлука мора да ја заштити украинската територијална целина и да спречи нова руска агресија.
Во позадина на преговорите стои цврстиот став на Путин дека Русија нема да се повлече сѐ додека не ја преземе целосната контрола врз Донбас — околност што го отежнува секој обид за компромис.
Според информациите, САД очекуваат Украина да прифати делумно територијално отстапување, нешто што би било политички исклучително чувствително за Киев.
Зеленски изразил желба за директни разговори со Трамп, но американскиот претседател порача дека нова средба ќе се случи само кога страните ќе бидат поблиску до конечен договор.
