Аксинија Михајлова: Секоја книга е добра ако напишаното може да те допре на одредено ниво

Очигледно, за мене, зборовите се таков чин на ослободување. Зошто поезија, а не проза? Не знам, иако во мојата поезија речиси секогаш постои тенденција кон наративност, во секоја песна има некаква приказна. Сум пишувала и поетска проза кога стиховите не беа доволни за да доловат сè што сакам да кажам, или не сум била доволно добра сето тоа да го претворам во стихови

Аксинија Михајлова е една од најважните современи бугарски поетеси, преведувачки и уреднички која гостуваше на годинешното издание на ,,Скопски поетски фестивал“. Нејзината поезија е препеана во бројни земји во светот, меѓу кои: Јапонија, Австралија, Кина, Канада, САД, Мексико, Колумбија и други. Михајлова e добитничка на најзначајната француска награда за поезија ,,Аполинер“ во 2014 г., ,,Макс Жакоб во 2020“,  ,,Ciel à perdre suivi de Le Jardin des hommes“ во 2021 г., Меѓународната награда за франкофонска литература „Бенжамен Фондан“ во 2024 г. и други бројни признанија што ја сместуваат на врвот на европската книжевна сцена. Таа е авторка на седум поетски книги на бугарски и три поетски книги на француски јазик.

Михајлова е добитничка на некои од највисоките книжевни награди во Бугарија. Таа е е член на бугарскиот ПЕН клуб, Здружението на бугарски писатели и Сојузот на преведувачи на Бугарија. Нејзиното доаѓање во Скопје беше одлична причина да поразговараме со неа за нејзиниот креативен процес, современата книжевна сцена и воопшто нејзиното доживување на литературата пренесено во она што го пишува.

Трн: Добитничка сте на многу книжевни награди како поетеса, но истовремено сте многу посветена на преведувањето. Како пишувањето и преносот на текстот од еден на друг јазик симбиотски функционираат во Вашиот живот како авторка и се надополнуваат?

Аксинија: Пишувањето и преведувањето поезија се горниот и долниот тек на една и иста енергетска река. Се обидувам да пливам на обете места и тоа ми дава една и иста радост. Почнав да пишувам и да објавувам релативно доцна, во средината на 1980-тите. Моите први обиди во областа на убавата литература беа во сферата на преводот, додека сè уште бев ученичка во Француската гимназија. Потоа интуитивно почувствував дека постои некаков посебен однос помеѓу мене и зборовите. И тогаш се појави потребата да ги изразам сопствените светови со зборови. Во принцип, ретко пишувам. Ако периодот на тишина и празнина се одолговлечи, се загрижувам дека можеби „тоа“ – „чудото“, „божјата благодат“, енергијата, не знам како да ја наречам – исчезнала. Ова е причината за мојата вознемиреност да се наречам „поет“. А да си преведувач е и повик и мачна работа. Кога преведувам поезија, ми треба многу повеќе концентрација, време и креативна енергија отколку кога пишувам. Да влезам во туѓиот текст, да го почувствувам, да ги пронајдам вистинските зборови за да ја пренесам моќта на туѓата поезија на бугарски јазик, и несигурноста дали навистина сум успеала, дали не сум го „издала“ авторот и текстот, дали не сум го наметнала сопствениот стил на пишување и не сум го асимилирала туѓиот текст. Ова е сериозен проблем. Има такви случаи. И двоумењата што ме следат постојано и ме тераат одново и одново да менувам еден збор. И тогаш поетот во мене му е навистина силен помошник на преведувачот.

Благодарна им сум на преводите затоа што тие ме спасуваат во периодите на онаа празнина што ја споменав погоре, кога „музата“ се забавува на друго место, затоа што ме штитат од графоманија. И тие ми го даваат истото чувство на свеченост и восхит како кога ги пишувам сопствените стихови. Бидејќи кога пишувате и преведувате, вие сте на друго, повисоко вибрациско ниво. Со ризик да звучам претенциозно, тоа е како дрога. Не ми недостига самата песна како факт и текст, туку она летање што го доживувам додека  пишувам и кое со ништо не можам да го компензирам.

Кога бев помлада, на почетокот на мојот преведувачки пат, избирав само автори што „ми одговараа“ и ми се обраќаа, кои беа блиски по поетиката и филозофијата до мојата перцепција за светот. Тоа е чувство на заедница со некои луѓе што можеби никогаш нема да ги сретнам во мојот живот, дури и да ми се современици, или пак, се веќе во задгробниот живот. Но, се чувствувам како дел од невидлива целина.

И на јазично ниво тие секогаш ме држат будна, бидејќи постојано сфаќам дека работата со јазикот е благослов и напорен труд, бидејќи едно е да разбереш текст на друг јазик, а друго е кога ќе седнеш да го пресоздадеш на својот јазик.

И да се вратиме на почетокот на одговорот: кога нивото на водата на едниот крај од енергетската река се намалува, можам да одам со течението или спроти него – да пишувам или преведувам – и да продолжам да се чувствувам слободна во моите избори.

Трн: Поезијата како израз е специфичен и нејзините рамки се поинакви од правилата на прозата. Што е она што вас ви е важно кога го користите стихот и зошто токму таа како форма за комуникација низ вашиот дијалог со книжевноста?

Аксинија: Луѓето отсекогаш имале потреба да се изразат на некаков начин – преку цртање, музика, пеење, танцување, зборови. Да се ​​потсетиме на детето што црта на замаглениот прозорец во зима, го прави тоа ненамерно, има некаков поттик, или пак, цртежите на пештерскиот човек. Доволно е човек да влезе во археолошкиот музеј во Скопјe, како што направив јас за време на фестивалот, за да ги погледне експонатите и да сфати дека дури и во чисто егзистенцијална смисла, човекот отсекогаш имал потреба од убавина – цртежите на садовите, декорациите. Бидејќи овој импулс нè разликува од останатиот животински свет. Овој креативен израз создава невидливи нишки што нè поврзуваат со другите луѓе. Нѐ штити од тоа да станеме емоционални аутисти. Во својот живот, секој барем еднаш доживува некаква гранична состојба, како што се љубовта, смртта, разделбата. Тие се силни емотивни моменти за кои не сме секогаш подготвени, па затоа, токму тогаш човек посегнува по хартија и одлучува да напише песна. Да се ​​ослободиш од таа емоција, бидејќи телото и умот не се во состојба да ја поднесат. А јазикот е најпристапното и најприродното средство со кое може да се изрази. И така настанува текстот.

Очигледно, за мене, зборовите се таков чин на ослободување. Зошто поезија, а не проза? Не знам, иако во мојата поезија речиси секогаш постои тенденција кон наративност, во секоја песна има некаква приказна. Сум пишувала и поетска проза кога стиховите не беа доволни за да доловат сè што сакам да кажам, или не сум била доволно добра сето тоа да го претворам во стихови. Прозата бара време, долги периоди на одвојување од животот и од домашните обврски. А и околностите во мојот живот се споија толку многу што немав таква можност. Иако понекогаш сум била во искушение. Можеби и ќе се осмелам некогаш и тоа да го пробам!

Трн: Добитничка сте на многу книжевни награди како поетеса, но истовремено сте многу посветена на преведувањето. Како пишувањето и преносот на текстот од еден на друг јазик симбиотски функционираат во вашиот живот како авторка и се надополнуваат?

Аксинија: Секоја награда е меч со две острици. Да, таа му носи задоволство на авторот, му дава одредена самодоверба, поголем публицитет и популарност, но во исто време ги зголемува очекувањата на читателот за идните текстови на авторот. Одговорноста за она што ќе го пишува понатаму станува поголема, како и неговата способност да донесува точни проценки, споредувајќи го нивото на песните од претходните книги со она што го пишува во моментот. И  храброст е да се откажеш доколку е потребно. Како што вели една песна од The ​​Doors: when the music’s over, turn out the lights, turn out the lights. Не е лесно. Можноста егото на една личност да ја замагли визијата на поетот и да го удави е голема. Бидејќи секој писател, ако барем еднаш бил благословен од Божјата благодат, знае дека постои енергија што е поголема од него, и тој не може ниту да ја поседува ниту да ја контролира. Може само да чека  таа да му дојде.

Што се однесува до современиот контекст. Имате причина да го поставите ова прашање. Многу од најголемите европски и светски книжевни награди во последниве години не се темелат толку на уметничките квалитети на текстовите, ова се однесува најмногу на прозата, туку се мотивирани од вонкнижевни фактори ‒ политичка коректност, бранење на одредени идеолошки каузи, модни трендови, обиди за наметнување нови и честопати сомнителни вредности. Ова не е карактеристично само за литературата, истото важи и за филмската индустрија, музиката и ликовната уметност. Погледнете кои филмови се номинирани за најголемите награди и кои каузи ги бранат. Тие се силно поддржани од сите масовни медиуми и се промовираат низ целиот свет. За жал, ова важи и за нашите простори.

 Но, за да не звучам премногу песимистички, ќе го спомнам Хераклит со неговата „Панта Реи: Сè тече, сè се менува“. Би сакала да верувам дека овој тренд е привремен и дека ќе помине. Сигурна сум дека просветлениот читател е свесен за ова и може да го одвои зрното од каколот.

Tрн: Во времиња кога мобилните телефони и меѓусебното отуѓување даваат нова димензија како на сегашноста, така и на читањето, образувањето и уметноста, книжевноста е од посебна важност во битката за зачувување на нивната вредност. Сметате ли дека таа може да остане истрајна во новите процеси кои се пред нас како човештво?

Аксинија:Во одговорот на претходното прашање, делумно се осврнав на овој проблем. Родена сум во првата половина на 1960-тите и припаѓам на генерацијата која, во процесот на лично формирање и истражување на светот, имаше на располагање само книги и неколку часа телевизија дневно. Но, не мислам дека нашата генерација е оштетена од тоа. Напротив. Денешните тинејџери се преплавени со информации на сите нивоа, тие имаат пристап до сè само со еден клик на нивниот компјутер или телефон. Тоа ги прави поинформирани, но не и подлабоки или поинтелигентни. Бидејќи нивните умови наликуваат на работната површина на компјутер, која е исполнета со датотеки и слики на кои немаат време да им дадат смисла, да ги анализираат или синтетизираат. Оваа фрагментираност на свеста и разбирањето само ги држи на површината и само навидум ги заситува нивните сетила, создавајќи им илузија дека веќе знаат сè. Но, тоа ги лишува од можноста секоја личност самостојно да ја развива својата имагинација, да го замисли ликот, ерата, пејзажот и да продолжи да ја раскажува приказната на начин на кој ги води сопствената асоцијативна мисла. Да создадат свој свет врз основа на она што го читаат и да го доживеат овој свет емоционално. И само фикцијата може да го направи тоа. Емпатијата, која е спротивна на отуѓувањето, не е нешто што може теоретски да се научи преку едно или две предавања во училиште. Почнува да се развива кога срцето на детето чука и сочувствува со судбината на ликот во книгата, плаче, се возбудува и се радува со него и не може да ја остави книгата сè додека не разбере што се случило со неговиот лик. И потоа емпатијата се развива понатаму и наоѓа израз во реалниот живот. Но, сè започнува со книгата. Затоа верувам дека е од најголема важност за нашиот опстанок како луѓе, за зачувување на човечноста во нас. За да не се претвориме во луѓе од крв и месо, но без душа и со вештачка интелигенција.

Трн: Преведена сте на бројни јазици низ светот, но и преку вашето долгогодишно искуство од преводот од француски на бугарски јазик, дали го гледате токму преводот како културно посредништво кое може да поместува граници и да ги шири видиците? Дали оваа димензија на книжевноста можеби ни е поважна од кога било со новите предизвици околу нас глобално?

Аксинија: Ако постои концепт на светска литература, тоа се должи на преведувачите. Инаку, секој автор би останал затворен во сопствениот јазик, а неговите дела би биле достапни само за луѓето што го зборуваат тој јазик. Тоа е како огромна куќа со само еден прозорец. Покрај тоа, преведувачот го сметам за еден вид коавтор на делото што го преведува на својот јазик. И да, тој ги проширува хоризонтите. И вашиот Скопски поетски фестивал го докажува тоа. Во еден од неформалните разговори за време на фестивалот, повторно слушнав некого како ја кажува неспорната вистина: поетите и писателите го поправаат она што политичарите го уништуваат. Но, само ако се вистински поети и не бранат каузи што не се својствени за литературата и поезијата.

На книгата, за разлика од човекот, не ѝ треба пасош и виза за да ги премине границите. Иако во човечката историја имало срамни моменти во кои книгите биле забранувани и палени. За жал, неодамна бевме сведоци на една таква тенденција, таканаречената cancel culture. Ме ужаснува помислата дека некој од нас, писателите од целиот свет, би можел да биде соучесник во ова. Затоа што во песните што ги пишуваме, во песните што ги слушнав на различни јазици на поети од неколку генерации тука, на овој фестивал, имаше човечка болка, топлина, страдање и радост, љубов, чувства својствени за секое човечко суштество на оваа земја. И кога ќе ги согледаме, преку работата на преведувачите, и ќе ги разбереме и осознаеме, тогаш ќе се чувствуваме како едно цело, како едно човештво. Зашто да разбереш значи да прифатиш, а потоа и да сакаш.

Трн: Дали според вас и поезијата ќе се менува заедно со промените во современиот свет и читателското искуство кое е поразлично од порано? Што им препорачувате на авторите, кои како никогаш досега се растргнати меѓу пишувањето, пазарот и капитализмот кој го редефинира концептот за уметност и нејзина смисла секојдневно?

Аксинија: Поезијата не е нешто што постои надвор од целината и животот што го живееме, па затоа и промените неизбежно ќе влијаат и на неа. Но, мислам дека овие промени се повеќе поврзани со формата отколку со суштината на поезијата. Во ова интензивно време и со мноштвото електронски платформи кои се дел од нашето секојдневие, забележувам дека кратките поетски форми, фрагменти, дури и само поединечни слики и мигновени проблесоци стануваат сè позастапени и популарни. Животот ни го наметнува тоа. Погледнете што се случува на фејсбук на профилите на писателите. Пред извесно време, во Бугарија се појави нов концепт: „брза литература“. Брзо живеење, брзо читање, брза литература… Се чувствувам како да сме заморчиња што се вртат и вртат на тркалото и не можат да се симнат… не знаат како да застанат. Покрај тоа, постои многу сериозно замаглување на жанровските граници и, во исто време, враќање кон синкретизмот во уметноста, каков што постоел и на самиот нејзин почеток. Песните се изведуваат како перформанси, придружени со музика, танц или балет, со видеоѕидови. Се обидувам да не им придавам вредност, да не кажувам дали сето тоа е добро или лошо. Понекогаш си мислам: „Кутра поезија, ѝ требаат патерици за да се движи по сцената!“, односно ѝ треба музика или некои од нештата наведени погоре. Но, во исто време, сфаќам дека ова може да биде и начин да привлече внимание, да стане поатрактивна дури и за луѓе кои не читаат поезија, но да ги поттикне потоа да се приближат до полиците со поезија во книжарниците.

Но постои уште еден проблем поврзан со ова. Понекогаш добрата претстава може да остави впечаток на висока книжевност бидејќи ги напаѓа сите наши сетила, а потоа кога ќе ја отворите самата книга, сфаќате дека во неа нема ништо што може да ве допре.

Пишувањето почна да се покорува на еден неприроден, да не речам катастрофален, принцип: побарувачката ја одредува понудата. Овој вид литература е барана, па затоа ќе ја напишам ако сакам добро да се продава. Ова е сериозна дилема за многу млади писатели, а и не само за нив: брзо да станат популарни, да бидат допадливи и нивните книги да се купуваат, да ја следат модата и трендовите, одејќи по патот на најлесниот отпор и задоволувајќи го вкусот на масовниот читател; или полека и упорно да ја копаат својата поетска градина, да го слушаат сопствениот глас и гласот на високата литература, без оглед на она што пазарот, вкусот на читателот и медиумите го бараат и наметнуваат. Ова е морален избор што секој од нас мора да го направи – брза и минлива слава и успех, задоволување на литературните вкусови што преовладуваат во моментот или пак служење на поголеми литературни нивоа.

Што би им препорачала? Да се ​​радуваат на секоја прекрасна песна напишана од нивниот ближен. Бидејќи севкупноста од тие песни е корпус на текстови во кои ќе живее и нивната сопствена поезија. И никогаш не заборавајте дека поезијата не е натпревар во скок во височина, секој има свои подеми и падови и мора да биде спремен да ја плати „цената“ на успехот и неуспехот и да има мудрост да ги прифати.

Трн: Кои се книгите кои би им ги препорачале на ,,гладните” читатели, кои исклучително влијаеле на вас, но сметате дека се универзално значајни за секој кој сака добра литература и мора да бидат прочитани?

Аксинија: Сите сме читатели и сите сме „гладни“ за добра поезија! Сите ние од некого учевме на свој начин, се восхитувавме на нечија поезија, имитиравме нечија поетика. Некои автори беа само чекор во нашиот развој, додека пак на други постојано им се навраќаме со децении. Проблемите за „читателот што пишува“ се два: прво, кого избирате да го имитирате, кој модел го следите – оној што одговара на вашиот сопствен поглед на светот или оној што го наметнува привремената мода. И второ, дали ќе имате доволно креативна енергија да се оттргнете од вашиот „идол“, да изградите свој систем на слики и поетика, или засекогаш ќе останете нечиј епигон, добар, но епигон.

Тешко е да се направи „препорачан список“. Според мене, важни се оние книги што ви помагаат во вашиот личен развој како личност и творец. Тие се различни за секого. Во светската литература има многу автори на кои им се восхитувам. Со некои од нив имаме заеднички кодови за читање и разбирање на светот. На пример, се чувствувам блиску до грчките поети и тие ме инспирираат – Рицос, Кавафис, Сеферис, Елитис, Ембирикос, Титос Патрикиос, а и некои од современите. Француски поети – ги има многу, нема да можам да ги набројам сите. Од Италијанците: Умберто Саба и Алда Мерини, кои ги имам читано на француски јазик. Меѓу арапските поети што пишуваат на француски јазик би ги споменала: Тахар Бен Желун и Венус Кури-Гата. Во латвиската и литванската поезија има прекрасни поети. Изработив две антологии над кои работев осум години. Од Бугарите можам да ги спомнам: Иван Пејчев, Христо Фотев, Иван Динков, Иван Методиев, Иван Здравков. Им се восхитувам. Мојата поетика е различна од нивната, и фала му на Бога. И сум благодарна на судбината што ми даде можност лично да контактирам со некои од нив.

Секоја книга е добра ако напишаното може да те допре на одредено ниво. Да те заведе. Да предизвика некаква мисла или емоционален бран во тебе. Да те зашемети со слика. Да те однесе во некој свет за кој не си знаел дека постои. Или токму спротивното, да го препознаеш овој свет како свој свет. И да се чувствуваш среќно и исполнето однатре. И да не ти се сака оттаму да заминеш. Или, ако заминеш, да побрзаш, што поскоро да се вратат.

Превод: Славе Ѓорѓо Димоски

Фотографии: Диме Данов

Интервјуто го водеше: Ивана Јовановска

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни