Без разлика дали печете пита во летно попладне или готвите нешто ароматично во празнична сезона – сè изгледа подобро кога кујната мириса свежо и чисто. Но, што кога ќе се појави оној непријатен, застоен мирис? Тоа особено пречи во станови со отворен распоред, каде што мирисите лесно се шират и ја расипуваат атмосферата во целиот дом.
Ако вашата кујна лошо мириса, веројатно сакате веднаш да го решите проблемот. Но, тоа не е секогаш лесно – ако не знаете од каде доаѓа мирисот.
Еве ги осумте најчести причини за непријатни мириси во кујната – и како да ги отстраните:
Ѓубрето треба да се изнесе
Најчеста причина за лош мирис е – канта со ѓубре. Ако не се сеќавате кога последен пат сте ја изнеле, време е тоа веднаш да го направите.
По тоа, исчистете ја самата канта. Иако изгледа чисто однадвор, внатре може да биде многу валкана. Истурете малку детергент, па исплакнете со црево или под туш ако немате двор. Оставете ја целосно да се исуши пред да ставите нова кеса. Ако немате време за темелно перење, напрскајте со средство за чистење или оцет и пребришете со микрофибер крпа.
Мијалникот е валкан
Дури и кога нема садови, мијалникот може да биде извор на лош мирис. Само испирање не е доволно за отстранување бактерии.
За темелно чистење: Изрибајте со топла вода и детергент, посипете сода бикарбона и повторно изрибајте, исплакнете со топла вода и исушете со крпа
Мелница за отпадоци (доколку ја имате)
Ако имате мелница, мирисот може да доаѓа од таму. Пред чистење – исклучете струја!
- Исчистете ја гумената заштита со сода и сунѓер
- Истурете ½ чаша сода бикарбона + 1 чаша оцет – оставете да пени 15–30 мин.
- Исплакнете со ладна вода
- Ако мирисот остане – додадете неколку коцки мраз и парчиња цитрус, вклучете ја мелницата со млаз ладна вода
Исушен сифон
Ако сте се вратиле од патување и чувствувате чуден мирис – можеби сифонот под мијалникот е пресушен (тој спречува мириси од канализација). Решение: Пуштете вода да тече 1–2 минути. Мирисот ќе исчезне.
Маснотија во цевките
Ако сте истуриле масло или сос во мијалникот, маснотијата може да ги затне цевките и да предизвика мирис. Решение: Ставете голем лонец вода да зоврие и внимателно истурете во мијалникот. Повторете по потреба. Ефикасно и без хемикалии.
Бактерии во цевките
Ако ни зовриена вода не помага – можно е да има насобрани бактерии. Решение: Пробајте со средство на база на ензими што ги разградува наслагите. Се продаваат во продавници за хемикалии или дом.
Протекување од цевки
Ако кујната мириса на влага или мувла – проверете под мијалникот. Ако има влага или капки – веројатно има протекување. Решение: Исклучете ја водата. Извадете ги сите работи, исушете ја водата, оставете вратата од шкафчето отворена да се исуши и повикајте водоинсталатер. Не обидувајте се сами да го поправите.
Не чистите под апаратите
Просторот под шпоретот или фрижидерот е често заборавен – а таму се собираат трошки, прашина и понекогаш – инсекти или поголеми остатоци. Решение: Извадете ги апаратите (со помош ако треба), Темелно усисајте и избришете и внимавајте – може да најдете непријатни (и веќе не-живи) изненадувања.