Ако сакате да ослабете, почесто јадете ваков вид јаткасти плодови

Бадемите се исто така богати со растителни соединенија како флавоноиди и полифеноли, кои имаат силно противвоспалително дејство

Јаткастите плодови се познати како многу здрави намирници, но често се препорачува умерена консумација поради калориите што ги содржат. Тоа не значи дека треба целосно да се избегнуваат. Напротив, според порталот Eating Well, бројни истражувања покажале дека луѓето кои јадат јаткасти плодови имаат подобро метаболичко здравје, помалку се дебелеат и имаат понизок ризик од дебелина.

Според диететичарката Бианка Тамбурело, јаткастите плодови се одлична храна за слабеење бидејќи содржат здрави масти кои ја зголемуваат ситоста, како и протеини и влакна кои подолго ве држат сити. Таа ја нагласува важноста на умерената консумација:

„Точно е дека содржат доста калории по порција, но тоа не е причина да ги избегнувате. Целете кон една до две порции дневно“.

Иако сите јаткасти плодови имаат свои предности, бадемите се издвојуваат како најкорисни за слабеење.

Диететичарката Саманта Меклеод објаснува дека „влакната се клучни во секоја исхрана, а повеќето луѓе не внесуваат ни половина од препорачаната дневна количина. Ако се обидувате да ослабете, влакната може да ви помогнат да останете подолго сити“.

Околу 56 грама бадеми содржат повеќе од седум грама влакна, а тие имаат бројни здравствени придобивки. Освен што помагаат во контролата на апетитот, влакната ја намалуваат концентрацијата на воспалителни молекули во телото (како IL-6 и TNF), ја подобруваат дигестијата, го намалуваат ризикот од срцеви заболувања и дијабет тип 2, а може и да го намалат ризикот од рак на дебело црево, пишува Eating Well.

Бадемите се исто така богати со растителни соединенија како флавоноиди и полифеноли, кои имаат силно противвоспалително дејство. Нивната лушпа содржи висока концентрација на антиоксиданси, а воспаленијата често се поврзани со зголемена телесна тежина, инсулинска резистенција и дијабет тип 2.

Бадемите помагаат и во одржување на рамнотежата на цревната микробиота, што дополнително ги намалува воспалителните процеси. Меклеод додава:

„Влакната во бадемите исто така помагаат во стабилизирање на нивото на шеќер во крвта, што е уште еден начин на кој се намалуваат воспаленијата“.

Покрај влакната и нивните противвоспалителни својства, бадемите се и природен извор на протеини. Содржат повеќе од 12 грама протеини на 56 грама бадеми. Протеините ја забавуваат дигестијата, го продолжуваат чувството на ситост и помагаат во зачувување на мускулната маса.

Тамбурело напоменува:

„Престрогите диети често водат до прејадување подоцна. Храната богата со протеини помага да останете сити, а истовремено ги чува мускулите кои се клучни за побрз метаболизам“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни