Поседувањето куче или мачка може да има позитивно влијание врз зачувувањето на когнитивните функции во староста, според нова студија, објавена од „Гардијан“.
Истражувањето покажа дека сопствениците на кучиња задржале подобра меморија, додека сопствениците на мачки покажале побавен пад на вербалната функција во споредба со луѓето без домашни миленици.
Според студија спроведена меѓу повеќе од 50.000 луѓе над 50 години, рибите и птиците немале значително влијание врз намалувањето на когнитивниот пад.
Истражувачите ги анализирале резултатите од анкета за здравјето и пензионирањето во Европа, која ја спровеле во текот на 18 години.
Адријана Ростекова, истражувачка на Универзитетот во Женева која ја водеше студијата, истакна дека видот на домашно милениче игра клучна улога во резултатите.
Студијата сугерира дека физичката активност и социјалната интеракција што ги поттикнуваат кучињата можат позитивно да влијаат на фронталниот лобус на мозокот, подобрувајќи го вниманието и емоционалната реакција.
Експертите истакнуваат дека резултатите од истражувањето би можеле да имаат големо значење во спречувањето на деменција и одржувањето на здравјето на постарите лица.