Живееме чудно и комплексно време. Во време на парадокси. Од една страна, имаме невиден напредок во сите права како жени, но од друга, како да се бориме со постојаното негирање и ускратување на тие исти права. Живееме во постојано докажување дека сме тука, дека треба да не слушнат, дека нашиот глас вреди.
Светот околу нас ја прифати еднаквоста како идеал, но не и како реалност. Живееме во време на постојана борба за одбрана на веќе стекнатите права, во време кога знаеме дека еднаквоста е можна ако сме доволно гласни и доволно упорни.
Денес можеме да бидеме се: лидери, мајки, уметници, научници, активистки. Можеме да зборуваме, да се бориме, да создаваме. Но колку од нас, навистина, можат да живеат слободно?
Ова е свет во кој во една земја жените ја водат политиката, економијата и науката, а во друга смеат да гледаат под велот само од едно око и немаат право да одлучуваат ни за сопственото тело. Свет на дигитална ера која ја демократизира слободата на говор, но за жените честопати отвара поле на омраза, сексизам и сајбер вознемирување.
Ова е време на бунт.
Време кога жените не молчат. Од улиците на Техеран до седниците на Европскиот парламент, од социјалните мрежи до амфитеатрите и улиците, жените зборуваат. Го менуваат наративот, начинот на кој светот ги гледа и начинот на кој тие се гледаат себеси.
Феминизмот во нас денес денес не бара привилегии. Тој бара рамнотежа, правда, еднаквост. Тој е резултат на борбата на жените кои живееле пред нас.
Во ова време на промени, постојано ми се појавува едно прашање:
Каков свет им оставаме на оние што доаѓаат по нас? Каков свет оставам на моите ќерки?
Какво општество, каков град, каква иднина? Дали ќе наследат безбедни улици? Дали ќе живеат во средина каде што нивниот глас ќе се слуша и понатаму не затоа што се гласни, туку затоа што се вредни? Дали ќе имаат простор да сонуваат, да не бараат „дозвола“ за да бидат свои, да не се извинуваат ако се гневни, гласни, амбициозни или едноставно доследни на себе?
Денес ние го градиме тој свет. Со секој наш избор. Со она што го кажуваме. Со одлуките што ги носиме, со мал мал бунт против сè што не спречува да бидеме свои. Без изговори.
Светот што го градиме за нашите ќерки не почнува од политиката. Тој почнува од огледалото во кое се гледаме, од тишината што ја носиме кога некој ќе не повреди. Од бунтот во нас.
Почнува од мене.
Ако светот сè уште не нè слуша доволно нас, дали еден ден ќе ги слушне нив?
Сакам моите ќерки да живеат во свет во кој ќе бидат храбри, затоа што се слободни. Да веруваат дека можат да направат сè што ќе посакаат. Да го менуваат светот, затоа што тој може и треба да се менува. Каде нема да им треба дозвола за да зборуваат гласно. Свет каде што ќе имаат право да кажат „не“, без да објаснуваат зошто. Да одат напред, дури и ако никој не ги следи. Да не бидат ничија сенка, туку да светат самите со целиот сјај кој сите три го носат во себе .
Затоа ако сакаме нашите ќерки да бидат слободни, мора да останеме гласни.
