Од носење сопствен алкохол и крадење шолји до пушење во затворен простор и мокрење на јавно место, кршењето на овие правила може да ве чини стотици евра, па дури и трајна забрана за учество на фестивалот.
Октоберфест, еден од најпознатите фестивали во светот, е прослава на пивото, музиката и веселбата – но само ако ги почитувате правилата.
Невниманието или неодговорното однесување може да ви го расипе искуството и да доведе до непријатни последици, па затоа се препорачува пинта добро баварско пиво да дојде со малку здрав разум.
Минхенскиот Октоберфест останува најавтентичен и најпознат, со големи шатори за пиво, традиционална баварска музика, паради на ловци и учесници во костуми и, секако, пиво од шест локални пиварници.
Во Берлин, фестивалот се одржува во малку помал обем, но нуди слична атмосфера, со пивски градини на места како што се Централер Фестплац и Александарплац, со настапи на дувачки оркестри и гости во традиционални баварски носии.
Правилата што треба да ги знаете или ризикувате казни до 600 евра
Иако сè изгледа како безгрижна забава, посетителите треба да знаат дека некои правила треба строго да се почитуваат, а нивното кршење може да резултира со казни, па дури и исклучување од фестивалот.
Туристичката компанија Хопа издвои неколку важни правила што не треба да се заборават.
-Уживајте во вашето пиво, но не претерувајте
-Октоберфест охрабрува веселба и консумирање пиво, но туристите треба да бидат умерени.
Во Германија не е нелегално да се биде пијан на јавно место, но ако некој се загрози себеси или другите со своето однесување, создаде неред или повеќе не може да се грижи за себе, може да биде казнет со казна до 500 евра.
Мокрењето на јавни места, вклучително и зад шатор, може да ве чини дополнителни 100 евра.
Возењето велосипед во пијана состојба е строго забрането, може да резултира со сериозни казни, па дури и психолошка евалуација.
Октоберфест за прв пат се одржа на 12 октомври 1810 година во Минхен, како прослава на венчавката на баварскиот престолонаследник Лудвиг (подоцна крал Лудвиг I) и принцезата Тереза од Саксонија-Хилдбургхаузен. Граѓаните на Минхен беа поканети да присуствуваат на голема јавна прослава на ливадата пред градските ѕидини, која подоцна беше наречена Терезиенвизе, по принцезата Тереза. Оваа прослава прерасна во традиционален годишен фестивал на пивото, познат денес низ целиот свет.
Не крадете фестивалски шолји, туку купете сувенир
Ако сакате да понесете дома автентична шолја од Октоберфест, најдобро е да купите една.
Крадењето фестивалски шолји се третира како кражба, бидејќи тие се сопственост на организаторите. Чувари се на должност на влезовите во шаторите за да внимаваат на вакви обиди.
Кој и да биде фатен, може да биде казнет со 60 евра и евидентиран за кражба.
Пушачи, излезете!
Пушењето и употребата на електронски цигари не се дозволени во шаторот.
Постојат јасно означени места за пушење и тие треба да се користат. Секој што ќе биде фатен како пуши внатре може да биде исфрлен од фестивалот, а во некои случаи и трајно забранет.
Законот за заштита на здравјето на Баварците од август 2010 година забранува пушење во сите затворени јавни простори.
Заборавете на огномет и остри предмети
Носењето пиротехника, оружје или остри предмети на Октоберфест е строго забрането.
Ваквите предмети ќе бидат конфискувани, а посетителите ќе бидат отстранети од фестивалот. Во некои случаи, полицијата исто така ќе биде известена, па може да има правни последици.
Не носете сопствен алкохол или не се качувајте на маси
Во шаторите, пивото се служи исклучиво во фестивалски шолји обезбедени од организаторите.
Носењето сопствен пијалок или чаши може да резултира со исклучување и забрана за повторно влегување.
Иако самото качување на масите не е особено казниво, таквото однесување се третира како нарушување на јавниот ред и мир и може да ве исфрли од шаторот, а во потешки случаи, забрана за учество на фестивалот.
Октоберфест во Германија е настан со богата традиција кој привлекува повеќе од шест милиони луѓе секоја година. Фестивалот на пивото во 2025 година ќе се одржи од 22 септември до 5 октомври во неколку градови низ земјата.