„Ако не нè слушнат на маса, ќе нè слушнат на улица“: ССМ најавува протести и генерален штрајк

„Ако не нè слушнат на маса, ќе нè слушнат на улица“, порача претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во интервју за „Трилинг“, најавувајќи протести и можен генерален штрајк поради минималната плата и притисоците врз работниците.

„Владата и работодавачите си играат со животите на работниците, со нивната пот и нивната егзистенција“, изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, во интервју за емисијата „Трилинг“, најавувајќи нов бран протести и можност за генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор поради застојот во разговорите за зголемување на минималната плата.

Според Трендафилов, времето за чекање и надеж дека ќе се постигне договор е завршено, а работниците веќе немаат простор за трпение. Тој нагласи дека околу една третина од вработените во Македонија живеат со плата под прагот на сиромаштијата, што, како што рече, е директна последица на игнорирањето на реалните трошоци за живот од страна на институциите и бизнис-елитите.

Во разговорот за „Трилинг“, Трендафилов потенцираше дека синдикатот бил под постојан притисок во текот на 2025 година, вклучувајќи обиди за негово ослабување преку создавање таканаречени „жолти“ синдикати кои би работеле во интерес на власта и на работодавачите. „ССМ нема да потклекне. Нашата улога е да ги браниме работниците, не да бидеме декор во процес што однапред е договорен“, порача тој.

Трендафилов остро ги критикуваше и најавите дека минималната плата би се зголемила за 1.500 до 2.000 денари од март, оценувајќи дека таквото покачување не ги покрива ниту основните животни трошоци. Дополнителна загриженост, според него, предизвикале и изјавите дека дел од работодавачите можеби нема да ја испочитуваат ниту законски утврдената минимална плата, што, како што истакна, претставува директен удар врз правната сигурност во државата.

„Работниците не можат да преживеат со вакви примања. Додека некои зборуваат за профити и стабилност, луѓето на терен се борат за основна егзистенција“, изјави Трендафилов, додавајќи дека токму тоа е причината поради која сè повеќе граѓани ја напуштаат државата.

Тој предупреди дека доколку не се обезбедат достоинствени плати и услови за живот, иселувањето ќе продолжи, а Македонија ќе остане без работна сила. „Луѓето имаат избор – ако не можат да живеат пристојно тука, ќе заминат таму каде што нивниот труд се почитува“, рече тој.

ССМ, како што најави Трендафилов во „Трилинг“, ќе продолжи со протести, блокади и други форми на синдикален притисок сè додека Владата и работодавачите не ги прифатат барањата за реално зголемување на платите и почитување на работничките права.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни