Академскиот пленум остро ги осуди честите апсења на студенти во Србија во изминатите денови и побара итно запирање на, како што велат, обидите за заплашување и репресија врз студентите и граѓаните.
„Последното апсење на студент од Природно-математичкиот факултет во Нови Сад, кој по несреќен сплет на околности се најде зад полицискиот кордон, додека полицијата ги потиснуваше граѓаните што мирно протестираа пред судот, претставува само нов доказ дека власта ѝ наредила на полицијата да ги користи сите можни репресивни средства. Коментарот на полициски службеник при апсењето, дека студентот го водат на стрелање, не е само непрофесионално однесување, туку и обид за заплашување на сите останати студенти“ велат во соопштението.
Пленумот го повика министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ да спроведе независна внатрешна истрага за постапувањето на полицијата изминативе денови, а од обвинителството и судот се бара ослободување на сите уапсени студенти.