Ново истражување на Универзитетот Јејл доведува во прашање нашето разбирање за ајкулите, овие остри предатори на океаните. Научниците споредиле ДНК на различни видови ајкули, како и на сродни видови кои не се ајкули, како различни видови ржи и химери.
Резултатите покажуваат дека ајкулите можеби не се блиски роднини едни на други, што го поставува под сомнеж концептот за ајкули како биолошка категорија. „Нашето истражување доведува во прашање идејата дека сите ајкули имаат заеднички предок, исклучувајќи ги ржите“, вели Чејс Браунштајн, докторски студент на Јејл.
Научниците анализирале генетски податоци од 48 различни видови, вклучувајќи ги целосните геноми на секој вид. „Геномите ја претставуваат целокупната количина генетска информација во клетките“, објаснува професорот Томас Нир, експерт за екологија и еволутивна биологија. Според него, споредувањето на целите геноми, а не само на избрани гени, помага подобро да се разберат односите меѓу организмите.
Истражувањето покажало контрадикторни резултати. Некои делови од ДНК, познати како егзони, сугерирале дека сите ајкули можат да бидат од иста група. Но други делови од геномот откриле дека некои видови ајкули, како воланастата и кравјата ајкула, може да се блиски роднини на ржите наместо на другите ајкули. Овие ајкули можеби се далечни роднини на остатокот од ајкулите, кои се одвоија многу порано во еволутивното дрво.
Ако сепак ајкулите претставуваат посебна група, генетските податоци дозволуваат проценка кога се појавиле првите ајкули. „Оценуваме дека оваа група се појавила пред околу 300 милиони години“, додава Браунштајн. Тој потенцира дека ајкулите и ржите сочинуваат една од најстарите гранки на кичмењаците, животни со чврста, сегментирана кичма, и први животни со вилици.
Истражувањето нуди клучни информации за развојот на животните со вилици и коскен скелет и укажува на важноста на изучувањето на овој недоволно проучен дел од еволутивното дрво.