Посетителите на Ајфеловата кула сега можат да го преминат висечкиот мост со јажиња што се протега помеѓу два столба на познатата париска знаменитост.
Мостот, кој беше отворен вчера, се протега на 40 метри помеѓу првите нивоа на источниот и западниот столб и виси речиси 60 метри над земјата. Вчера попладне се формираа долги редици од туристи и локални жители за да ја пробаат новата атракција, пренесува ДПА.
Мостот ќе остане отворен до 3 мај и е достапен за сите сопственици на билети по претходна регистрација, без дополнителни трошоци.
Ајфеловата кула, завршена во 1889 година и позната како Dame de Fer (Железната дама), е една од најпопуларните туристички знаменитости во Франција и во светот. Минатата година кулата ја посетиле малку помалку од 7 милиони луѓе, додека плоштадот под неа, кој е слободен за пристап, примил околу 10 милиони посетители.