AICA Македонија реагираше по повод кражбата на бистата на Вера Јоциќ, оценувајќи дека станува збор за уште една потврда за континуираната институционална негрижа кон движното и недвижното културно наследство, како и кон јавните уметнички дела во Северна Македонија.
Во јавната реакција, AICA Македонија посочува дека повторливото исчезнување на бисти и споменици, нивното извесно топење и профитирањето од ваквите кривични дела, со години се одвива без сериозен институционален одговор. Според нив, ваквите случаи одамна престанале да бидат инциденти, а станале симптом на системски проблем.
„Ова не е изолиран настан, туку показател за долготрајно отсуство на јасна културна политика, одговорност и континуитет во управувањето со јавниот простор“, се наведува во соопштението. Од здружението оценуваат дека институционалниот молк и ад-хок реакциите создаваат амбиент во кој ваквите појави се нормализираат и повторуваат.
AICA Македонија апелира дека е неопходно и ургентно активно учество во јавниот дискурс за состојбата со културното наследство, како и јавно преземање одговорност од страна на надлежните институции. Според нив, потребен е системски пристап што ќе обезбеди долгорочна заштита на јавните уметнички дела и ќе стави крај на континуираното уништување и исчезнување на културни вредности.
„Без јасен и одржлив институционален пристап, секоја следна кражба или уништување на културно наследство нема да биде изненадување, туку очекувана последица“, предупредуваат од AICA Македонија.
