На AI Tech Summit 2025 во Скопје, Карло Кнежевиќ, раководител за вештачка интелигенција во тех-компанијата SofaScore, упати критички, но практични пораки за тоа што навистина значи да биде една компанија data-driven во време на големи технолошки очекувања околу AI.
Според Кнежевиќ, вештачката интелигенција денес често е мистерија за многумина — меѓутоа, вистинската работа не почнува со моделите или алгоритмите, туку со податоците што ги собирате и како ги организирате.
SofaScore, позната по својата спортска апликација со повеќе од 30 милиони месечно активни корисници, собира над 2 терабајти податоци дневно. Овие податоци служат за разбирање на корисничките преференции и подобрување на производот. За компанијата, вели Кнежевиќ, најголемиот предизвик не е да се има алгоритам, туку да се создаде инфраструктура која може да ги прими и обработи тие податоци рационално и на одржлив начин.
Традиционално, SofaScore користел Google Analytics за собирање податоци што потоа се префрлале во ClickHouse база, решение кое, како што објаснува Кнежевиќ, било избрано за да се контролираат трошоци додека компанијата расте. Минатата година тимот експериментирал и со сопствен stream-based систем користејќи NATS, publish/subscribe сервер, кој овозможува секоја корисничка интеракција да се испраќа директно до серверот и базата на податоци во реално време.
На AI Tech Summit 2025, Кнежевиќ истакна дека компаниите кои сакаат да бидат data-driven треба да почнат со систематско собирање податоци, директно прашање до корисниците што им се допаѓа и што не, и јасно поставување на прашањето каде е бизнис-вредноста.
„Ако не знаете каде се парите, тогаш ни најнапредната вештачка интелигенција нема да ви помогне“, порача тој, потенцирајќи дека AI е моќна алатка само ако е вграден во јасна стратегија, добра инфраструктура и реален бизнис план.
Настанот во Скопје оваа година ја постави Македонија на мапата на регионалните AI дискусии, со акцент на практични примери и реални компании кои веќе се соочуваат со предизвиците и бенефитите на податоците и вештачката интелигенција.
