AI најпрво ќе ги погоди средните менаџери, предупредија технолошки лидери во Давос

Раководители од Palantir, Google и Anthropic велат дека улогите засновани на координација, а не на создавање, се први на удар од вештачката интелигенција

На Светски економски форум во Давос, технолошките лидери испратија јасна порака за иднината на работата: вештачката интелигенција ја редефинира корпоративната хиерархија, а средниот менаџмент би можел да биде меѓу првите што ќе исчезнат.

Извршниот директор на Palantir, Алекс Карп, во разговор со извршниот директор на BlackRock, Лери Финк, изјави дека AI „ќе ги уништи работните места во хуманистичките науки“, додавајќи дека општото знаење од елитни универзитети станува сè потешко за пазарна валоризација. Според Карп, работниците со занаетчиски и технички вештини ќе напредуваат, додека оние чии улоги се темелат на општо знаење ќе се соочат со предизвици.

Слична порака испрати и Анупам Митал, основач на People Group и судија во „Shark Tank India“, кој во објава на LinkedIn предупреди дека „AI не доаѓа прво по програмерите, туку по средниот менаџмент“. Тој оцени дека „премијата на знаење“ што порано ја наградувала менаџерската сениорност (разбирањето на процесите и контактите) денес практично исчезнува.

Трендот веќе е видлив во големите корпорации. Извршниот директор на Amazon, Енди Џеси, минатата година најави намалување на менаџерските слоеви и зголемување на односот меѓу индивидуални извршители и менаџери за 15 проценти. Google веќе скрати околу 35 проценти од менаџерите кои раководеле со мали тимови и елиминираше цел слој „менаџери на менаџери“ во дел од продажбата во САД.

Извештај на Gartner предвидува дека до 2026 година, 20 проценти од организациите ќе користат AI за „рамнење“ на структурите, што би значело укинување на повеќе од половина од постојните позиции во средниот менаџмент.

На Давос, директорот на Google DeepMind, Демис Хасабис, и извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, изјавија дека AI веќе влијае врз вработувањата, особено на почетните позиции и практикантските програми.

Сепак, не сите делат песимистички став. Оперативниот директор на BlackRock, Роберт Голдстин, како и глобалниот управувачки партнер на McKinsey & Company, Боб Стернфелс, посочуваат дека компаниите и понатаму гледаат вредност во дипломци од хуманистичките науки, особено како извор на креативност и пошироко размислување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни