Неколку минути откако претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп најави „напад од големи размери“ врз Венецуела, социјалните мрежи беа преплавени со лажни фотографии и видеа генерирани со вештачка интелигенција (AI), на кои наводно е прикажан венецуелскиот претседател Николас Мадуро во различни драматични ситуации.
Меѓу содржините што станаа вирални се појавија фотографии на кои Мадуро наводно го изведуваат американски агенти од авион, видеа што прикажуваат проектили како паѓаат врз Каракас, како и сцени на наводно масовно славење на граѓаните на улиците. Дел од овие материјали комбинирале автентични снимки од американски воени авиони со целосно лажни визуелни елементи, создавајќи убедлива, но неточна слика за настаните, објави „Гардијан“.
Аналитичарите за проверка на факти предупредуваат дека ваквата содржина брзо се шири во услови на криза и дополнително ја замаглува границата меѓу реалноста и дезинформациите. Според платформата за проверка на медиумска веродостојност NewsGuard, само на социјалната мрежа Икс биле идентификувани пет фотографии и два видеа генерирани со АИ кои за кратко време собрале повеќе од 14 милиони прегледи.
Експертите предупредуваат дека ваквите визуелни дезинформации имаат силен емоционален ефект врз јавноста и можат да придонесат за паника, манипулација со јавното мислење и погрешно разбирање на реалната политичка и безбедносна состојба.
