Нова AI алатка предупредува на партнерско насилство дури три години порано

Истражувачи развија систем со вештачка интелигенција кој анализира медицински податоци и може да препознае ризик од партнерско насилство со точност од 88 проценти.

Научници во Соединетите Американски Држави развија алатка базирана на вештачка интелигенција која може да им помогне на лекарите да идентификуваат пациенти кај кои постои ризик од партнерско насилство – дури и неколку години пред жртвите да побараат помош.

Истражувачите обучиле AI модел кој анализира медицински податоци собрани за време на редовни лекарски прегледи. Студијата во која се претставени резултатите е објавена во научното списание Nature.

Според податоци на Европската комисија, околу 18 проценти од жените во Европа во 2021 година изјавиле дека доживеале физичко или сексуално насилство од партнер.

Во моментов, проверките за семејно насилство во болниците најчесто се базираат на директни прашања од страна на лекарите за безбедноста на пациентите во нивниот дом. Сепак, многу жртви не го пријавуваат насилството поради страв, стигма или загриженост за сопствената безбедност, поради што бројни случаи остануваат неоткриени.

Истражувачкиот тим анализирал медицински податоци собрани во период од неколку години и развил три различни модели на вештачка интелигенција со цел да се процени колку технологијата може да препознае лица изложени на ризик од насилство.

Еден од моделите се покажал како најпрецизен и успеал да го идентификува ризикот од партнерско насилство во 88 проценти од случаите.

Алатката успеала да сигнализира потенцијално насилство повеќе од три години пред пациентките да се вклучат во болнички програми за поддршка на жртви на семејно насилство.

Истражувачите нагласуваат дека технологијата е развиена како поддршка за клиничарите, а не како замена за нивната професионална проценка. Системот не поставува дијагноза и не ги принудува пациентите да откриваат информации, туку обезбедува сигнал кој може да им помогне на лекарите внимателно да ја отворат темата и да понудат поддршка.

Следниот чекор е интегрирање на оваа технологија во електронските медицински системи, што би им овозможило на болниците во реално време да добиваат проценка за потенцијален ризик кај пациентите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни