Европската Унија воведе нова дигитална алатка базирана на вештачка интелигенција која треба да ја засили контролата на безбедноста на храната и побрзо да открива потенцијални ризици во синџирот на снабдување.
Европската комисија ја претстави платформата TraceMap, која ќе им овозможи на националните институции во земјите-членки да откриваат измами со храна, да следат контаминирани производи и побрзо да реагираат во случај на епидемии поврзани со храната.
Платформата веќе е достапна за властите во сите земји на Европската Унија и има цел да ја подобри координацијата меѓу институциите и ефикасноста на истрагите поврзани со безбедноста на храната.
„TraceMap е пробив кој ќе ја револуционизира способноста на Европската Унија да реагира на кризи со безбедноста на храната и да се бори против измамите во прехранбениот сектор“, изјави европскиот комесар за здравје и благосостојба на животните Оливер Вархеји.
Според него, новата платформа ќе придонесе за подобра соработка меѓу земјите и за посилна заштита и на потрошувачите и на земјоделците.
TraceMap користи големи количини податоци од агро-прехранбениот сектор за да ги следи трговските текови и производните процеси речиси во реално време. Со помош на вештачка интелигенција, системот ќе може побрзо да идентификува ризици, да ги поврзува операторите во синџирот на снабдување и да помогне небезбедните производи навреме да бидат повлечени од пазарот.
Пилот-верзијата на платформата веќе била тестирана во неодамнешен случај на повлекување на бебешка формула низ Европа, поврзана со контаминирани состојки од Кина.
Податоците на Европската комисија покажуваат дека системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (RASFF) во 2024 година регистрирал 5.250 известувања, што е раст од 12 проценти во споредба со претходната година.
Околу една третина од тие случаи биле одбивања на пратки на границите, најчесто поради остатоци од пестициди во увезено овошје и зеленчук од Турција, Египет и Индија.
Истовремено, според Европската агенција за безбедност на храната, во 2024 година биле регистрирани 6.558 епидемии поврзани со храна, што претставува пораст од 14,5 проценти.
Најчестите заболувања поврзани со храната во Европа се кампилобактериоза, салмонелоза, инфекции предизвикани од E.coli и листериоза. Токму листеријата предизвикува најголем број хоспитализации и смртни случаи меѓу инфекциите поврзани со храната во ЕУ.