Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, заплени вкупно 1 641 килограм небезбедна храна од возило на подрачјето на Чучер-Сандево.
Инспекцискиот надзор бил спроведен по добивена пријава, при што се утврдило дека возилото превезувало големи количини храна без документација и со непознато потекло.
Од АХВ соопштуваат дека биле пронајдени 1 060 килограми кршени ореви во рефус состојба и 581 килограм зачинети кикирики, исто така без декларација. Производите биле без идентификација и без информации за потрошувачите, што претставува сериозно прекршување на прописите за безбедност на храна.
Во истата пратка биле најдени и 900 килограми индиски ореви со декларација, но поради вкупната нерегуларност на товарот, целата количина е прогласена за небезбедна и ќе биде уништена, согласно Законот за безбедност на храната.
Против лицето затекнато на лице место е поведена прекршочна постапка за пуштање во промет на небезбедна храна, за работа како нерегистриран оператор и за недостиг на обележување за потрошувачите. На сторителот му е изречена глоба од 600 евра во денарска противвредност.
Од АХВ најавуваат дека ќе продолжат со засилени контроли на терен, со цел да се спречи пласманот на небезбедна храна и да се заштити здравјето на граѓаните.