Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до сите сопственици на домашни кучиња да ги почитуваат законските обврски за микрочипирање и регистрација на своите миленици, со цел унапредување на заштитата и безбедноста на животните и луѓето.
АХВ соoпшти дека сите сопственици на домашни миленици- кучиња треба да ги идентификуваат своите животни со микрочип и да ги регистрираат во модулот за домашни миленици на Информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, за што се издава и пасош за животното.
Апликацијата на микрочипот е еднократна, односно животното го носи чипот до крајот на својот живот, се наведува во соопштението. Микрочипирањето е основа за утврдување на сопственоста, обезбедување навремена и квалитетна здравствена заштита и поголема безбедност за сопствениците, особено во контекст на превенција од пренесување на заразни болести од животните на луѓето.
Од АХВ потсетуваат дека сопствениците кои веќе ги чипирале своите миленици имаат законска обврска да ја пријават секоја промена на податоците (како што се промена на адреса, сопственик, или други релевантни информации) до надлежното ветеринарно друштво. Овие податоци мора да бидат ажурирани во електронската база на податоци на Агенцијата.
Во базата задолжително треба да се евидентира и слу чајот на угинување, губење или продажба на животното, се додава во соопштението.
АХВ истакнува дека микрочипирањето помага за трајна идентификација на животните, спречување на напуштање, контрола на размножување и полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба.
Агенцијата за храна и ветеринарство повикува на зголемено почитување на законските обврски за микрочипирање и регистрирање на домашни миленици со цел подобрување на благосостојбата на животните.