Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) оваа недела спроведоа вонредна контрола кај оператор со храна, при што беа запленети и нештетно уништени околу 37 тони храна – јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини – без декларации и со истечен рок на употреба од една до две години.
За утврдените прекршоци, операторот доби времена забрана за работа, парична казна и наредба за отстранување на сите утврдени недоследности.
Покрај тоа, АХВ спроведе вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници и маркети. При проверките беа утврдени различни недоследности, како што се: нерегистрирани оператори со храна, непроведени задолжителни обуки за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна и слично. За овие прекршоци, одговорните лица и операторите добија парични казни и времени забрани за работа.
Сите затекнати недостатоци мора да бидат отстранети, а небезбедната храна е нештетно уништена, соопшти АХВ.