Ахмед ал-Ахмед, мажот кој во неделата го разоружа осомничениот напаѓач на плажата Бонди во Сиднеј, не размислувал за херојство, туку бил мотивиран поради фактот што „не можел да поднесе да гледа како луѓе умираат“, изјавија членови на неговото семејство за австралиските медиуми.
Ал-Ахмед (43), татко на две мали девојчиња, и понатаму се наоѓа во критична, но стабилна состојба, откако беше застрелан четири до пет пати во рамото за време на интервенцијата. Нападот се случи за време на прослава на Ханука, при што загинаа најмалку 16 лица, меѓу кои и еден од напаѓачите.
Снимки од местото на настанот покажуваат како Ал-Ахмед трча кон вооружениот напаѓач, го соборува и му го одзема оружјето, спречувајќи понатамошно пукање. Австралискиот премиер, Ентони Албанезе и премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс – јавно му оддадоа признание, оценувајќи дека неговата храброст спасила бројни животи.
„Ова не беше глума за камери. Тоа беше чин на совест“, изјави неговиот братучед Мустафа ал-Асаад, додавајќи дека Ал-Ахмед верувал оти „Бог му дал сила и храброст“ да го запре напаѓачот.
Неговите родители, кои неодамна пристигнале во Австралија од Сирија, изјавија дека нивниот син не прави разлика меѓу луѓето и дека би го сторил истото за секого. „Тој не гледа националност, вера или потекло. Во Австралија, сите луѓе за него се еднакви“, изјави неговиот татко.
Претставници на сириската заедница во Австралија истакнаа дека постапката на Ал-Ахмед е хуманитарен чин, а не политички или идеолошки мотивиран. „Ова е доказ дека нашата заедница и нашата вера се засновани на мир и солидарност“, порачаа тие.
Постапката на Ал-Ахмед доби и пошироко симболично значење во јавноста, како редок момент во кој индивидуалната храброст ја надминува стравотната логика на насилството. Во време на длабока поларизација и автоматски сомнежи кон „другиот“, неговиот чин потсети дека солидарноста и човечката одговорност не познаваат вера, потекло или националност – туку се мерат единствено по подготвеноста да се заштити животот на другиот.
