Уште во античко време, луѓето забележале дека квалитетот и квантитетот на жетвата директно зависи и од временските фактори и од природните карактеристики на областа. Затоа, едно човек внимателно ги следел временските промени и ги соопштувал на земјоделците. Денес целата земјоделска индустрија се фокусира главно на истражувањата и достигнувањата на агрономите. Професијата агроном постои со векови, но и некогаш и денес, работата на овие професионалци е да се водат главно од законите на теренот и природата со цел помош на земјоделците.
„Најтешко им е на земјоделците, тие работат во дуќан без покрив. Славам професионално полнолетство, помагајќи им на земјоделците“, вели дипломиран земјоделски инженер Катерина Трајковска, додека на екипата на Трн и ги покажува градинарските и овошните насади.
„Земјоделскиот инженер – агроном има за задача да се грижи за растенијата, од кога се бебиња па се до берба, но и да дава совети на земјоделците. Наједноставно кажано добар агроном е оној кој знае да ги чита растенијата“, вели Трајковска, посочувајќи ни колку наглите временски разлики влијаат врз земјоделието.
Агроном како и секој друг човек кој директно е вклучен во земјоделието, пред сè, мора да биде подготвен да работи на отворено во сите временски услови, дури и во најнеповолните. Од тука доаѓа и прашањето, кои се предностите, а кои недостатоците на оваа професија.
Професионалниот агроном секогаш е со чизми на терен
„Нашата професија не е седење во канцеларија, односно во аптека. Како жена агроном сум особено горда што ова е моја професија, но во исто време и ми е жал што сум една од ретките во Македонија. Секој оној кој се одлучил ова да биде негова професионална определба не може да се надоградува само со теорија. Иако теоријата ни помага многу поважна е праксата. Затоа скоро секој ден, бидејќи постојано нешто се случува во земјоделието, јас сум на терен“, раскажува Трајковска, бришејќи ја потта од челото, шетајќи низ овошните насади.
Професијата агроном е од непроценливо значење за функционирање на светот. На крајот на краиштата, токму од овие професионалци зависи, не само развојот на земјоделството во целина, туку и квалитетот и количината на основните прехранбени производи за секој од нас, без кои би имало невиден глад ширум планета.
„Мојот работен ден започнува многу рано, особено во пролетниот и летниот период. Најчесто станувам уште пред изгрејсонце, некои операции мора да се завршат пред најтоплиот дел од денот. Во земјоделието и еден задоцнет ден може да биде многу“, со восхит раскажува агроном Трајковска.
Гордост е да прославиш професионално полнолетство
Дипломиран земјоделски инженер или ако милувате агроном Катерина Трајковска се навраќа на студентските денови, од каде тргнала целата нејзина професионална приказна. Се сеќава на анегдоти кои воедно се и пораки за светогледот врз агрономите, особено од женски пол.
„Како студент бев доста посветена, постојано бев „жедна“ да научам нешто ново, од секој аспект на професијата. Морам да го споменам професорот Марјан Кипријанов кој ми предаваше овоштарство. Иако во втора година немав задолжителни активности на терен по тој предмет, јас постојано одев на нива, а тој знаеше на шега да рече: „Што правиш овде, ќе ти се смејат студентите“. Но јас со гордост секогаш му велев дека сакам да научам да кројам, да бидам успешен агроном“, вели Трајковска, навраќајќи се на времето од пред 18 години, од кога почнала да ја составува сложувалката наречена земјоделски инженер.
Ако не се земјоделците светот би гладувал, а без агрономите квалитетот и количините на произведениот зеленчук, овошје и житарици би биле драстично помали и со полош квалитет.
Иако ја посетивме агроном Катерина Трајковска во раните утрински часови, додека денот се раѓаше, во земјоделската аптека Семенара Про во Стајковци веќе доаѓаа првите земјоделци. Едни прашуваа како да ги заштитат овошките, други со што да го третираат компирот.
Меѓу другото агроном Катерина Трјковска потенцира дека македонските земјоделци се уште се владеат по правилото на т.н класично производство. Тоа подразбира дека голем дел од производителите на овошје и зеленчук во земјава се држат до традиционалните принципи на производство, односно ги применуваат класичните третмани за заштита на растенијата.
„Македонија како и многу земји ги применуваат регулативите на ЕУ за употреба на пестициди со цел да ги заштитат земјоделските култури, но најголемиот проблем е што тие стандарди отстапуваат од оние органски принципи на одгледување градинарски, житни и индустриски култури. Тоа подразбира дека го применуваат тоа што им е достапно на пазарот. За еден земјоделец да може да се придржува да оние стандарди за органско производство мора и условите да одговараат. Праксата покажува дека органските препарати за заштита на растенијата, кои вообичаено и чинат повеќе, не одговараат за нашето поднебје, бидејќи условите ги суспендираат нивните ефекти. Односно за да дејствуваат органските препарати мора почвата да не е контаминирана како и водата за наводнување и воздухот кој го апсорбираат растенијата. До сега во неколку опити го имаме тестирано органското третирање но се покажа како не целосно функционално, како последица на другите не исполнети услови“, вели агроном Трајковска.
Од друга страна токсиколозите појаснуваат дека едно современо земјоделство не може да се замисли без пестициди. Меѓутоа во светот па и во Македонија, добрата страна е тоа што, постојат позитивни законски решенија со кои строго е одредено кој и со кои хемиски супстанци, вклучувајќи ги и пестицидите можат да ги користи во текот на земјоделското производство.
„Пестицидите претставуваат една голема група на хемиски соединенија кои наоѓаат примена не само во земјоделието туку и во домаќинствата. Можат да се поделат според хемискиот состав и намената. Според намената можат да бидат инсектициди, фунгициди и хербициди, а според хемискиот состав се делат на органофосфорни соединенија, карбомати, дефолијанти, органохлорни соединенија итн. Доколку пестицидите се употребуваат во препорачаните и дозволените колични не можат да предизвикаат сериозни последици по човековото здравје, бидејќи при внесување на мали количини самиот организам има одбранбен механизам да ги разгради односно да ги детоксифицира“, објаснува токсиколог д-р Андон Чибишев.
Исто така сугерира дека ако изедеме еден килограм од овошје или зеленчук кои се третирани со пестициди веднаш не може ништо да ни се случи, но акутните труења со пестициди се исклучително тешки, опасни и животно загрозувачки. Исто така појаснува дека долготрајното внесување на пестициди, во помали количини, и тоа како може да го загрози здравјето. Најтоксични се труењата кај децата до 16 години и кај трудниците, односно кај нивниот плод, додаваат токсиколозите.
„Хлор перифосметил и перими фос метил според намената се пестициди од групата на инсектициди, а според хемискиот состав тие се органофосфорни пестициди. Токму тие се оние кои можат да предизвикаат најтешки проблеми со здравјето на човекот. Акутно внесени во организамот можат да бидат смртоносни, но кога се внесуваат во мали количини тие се дистрибуираат во целиот организам. Најштетно влијаат на централниот нервен, но и врз ендокриниот и имуниот систем. Можат во целост да ја пореметат функцијата на жлездите со внатрешно лачење, односно да го ослабнат имуниот систем и човекот да е подложен на разни инфекции. Загрижувачки е што делуваат мутгено. Внесувани на подолг временски рок можат да предизвикаат мутации на некои гени и со тоа да настанат малформации на органите“, потенцира токсиколог Чибишев.
Констатацијата на агрономите и токсиколозите е дека со миење и лупење ги отстрануваме пестицидите на површината, но не и во составот на плодот. Затоа кога во вашето мени да имате овошје или зеленчукот добро измијте ги или излупете ги, доколку плодот го дозволува тоа, па на тој начин ќе го отстраните или намалите влијанието на токсични супстанци.
Во секој случај за да има целосно производство на органски земјоделски производи неопходна е заштита и грижа на животната средина, а потоа третирање на растенијата со органски заштитни параметри.
Познавачите на ситуацијата се децидни дека органското производство е скап и долготраен процес, а не само откажување од традиционалните хемиски препарати кои овозможуваат долгорочен процес на растење и развој на градинарските, животинските и индустриските култури.