„На 18 октомври добиен е наод со кој е потврден случај на присуство на вирусот на авијарна инфлуенца – птичји грип, сој H5N1 кај гуска. И покрај ваквата информација, повторно ЗОО Скопје не почитувајќи ги законските прописи не ја извести АХВ на законски пропишаниот начин, односно постапила спротивно на член 4 од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца бр. 161/2016, односно секое присуство или сомнеж на авијарна инфлуенца се пријавува веднаш, односно во што е можно пократок рок до АХВ“, стои во денешното соопштение на Агенцијата за храна и ветерина.
„За да ги демантираме во целост информациите од различните портали, коментари, од ЗОО Скопје и правично да ја информираме јавноста, ветеринарната дејност од јавен интерес на територијата на Република Македонија ја спроведува Државнa ветеринарна служба во соработка со други органи и институции, преку Агенцијата, директорот и референтна лабораторија која работи за потребите на Агенцијата врз основа на договор.
На 19 октомври надлежниот официјален ветеринар од АХВ заедно со раководителот на СЗЗБЖ овластен од в.д. директорот д-р Оливер Миланов извршиле вонреден инспекциски надзор во ЗОО Скопје.
Во одгледувалиштето на ЗОО Скопје официјалниот ветеринар донесе забрана за влез на посетители, забрана на пристап до езерцето во кое била пронајдена угинатата птица со исклучок на тројца вработени кои со полна заштитна опрема вршеа убивање и манипулација со птиците. Се земаа и испратија примероци за лабораториски тестирања согласно дијагностичкиот протокол од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца. Се чистеше и дезинфецираше просторот околу езерцето во зоната во која се движат овој вид на птици. Се забрани движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето. Се задолжи надлежната ветеринарна служба задолжително да врши пријавување на промени на здравствената состојба на живината и дивите птици до надлежниот официјален ветеринар и примена на биосигурностните мерки при спроведување на сите активности“, соопштија од АХВ.
Дополнително, се посочува во соопштението, официјалниот ветеринар при вршењето на своите задачи може да побара асистенција од овластено лице од Министерството за внатрешни работи.
За жал побарана е асистенција поради присуство на лице кое се претставило дека е вработен во градската администрација и истото ја попречуваше работата на инспекциските служби и за кое дело МВР има записник. Но, мора да се заблогадариме на вработените лица во ЗОО Скопје кои несебично ни дадоа полна поддршка и земаа активно учество во спроведување на наредените мерки.
Директорот на АХВ донесе решение за прогласување на болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птиците и наредување на заштитни и контролни мерки. Сомнежите во јавноста и споделените видеа за начинот на собирање и отстранување на затекнатата живина во одгледувалиштето се во целост со почитување на протоколите за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца и Законот за благосостојба на животните и меѓународните протоколи, и коментарите по истите не е во ред да бидат коментирани од лица некомпетентни за истото.
Сомнежите за ЗОО Скопје дали е извор на бактерии или вируси, дали е постапувано и до сега согласно законските прописи, угинување на многу животни за краток временски период и низа нерегуларности ќе бидат предмет на дополнителни истражувања од надлежните органи“, се појаснува во соопштението од АХВ.