Концертна промоција на „Afro Gitano“: музика што ги спојува Африка, Балканот и урбаната сцена

Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, во рамки на Skopje Design Week, публиката ќе има ретка можност да ја доживее премиерната изведба на заедничкиот албум на Тони Китановски, Баба Сисоко и диџеј Гоце САФ – проект снимен на три континенти што нуди музичко патување без граници.

Во сабота, 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да присуствува на концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ — заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.

Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув нуди автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Како што вели Китановски, „Afro Gitano е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата.“

Албумот, снимен за време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја пренесува енергијата на спонтаноста, импровизацијата и заедништвото. „Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, опишувајќи ја нивната уметничка хемија.

За Баба Сисоко, кого Китановски го нарекува „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, проектот претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.

Со својата космополитска визија и безвременска енергија, „Afro Gitano“ ја носи суштината на уметноста што ги надминува границите — музика што не припаѓа на еден народ, туку на сите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни