АЕТСМ и Министерството за дигитална трансформација потпишаа меморандум за соработка

Министерството станува почесен член на Асоцијацијата, со фокус на е-трговија, дигитализација и „Смарт МК 2030“

Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) и Министерството за дигитална трансформација потпишаа Меморандум за соработка, со кој Министерството официјално пристапува како почесен член на Асоцијацијата.

Со меморандумот се воспоставува рамка за институционална соработка во областите на е-трговијата, дигитализацијата, вештачката интелигенција, дигиталните вештини и иновациите, со цел забрзување на дигиталната трансформација и развојот на дигиталната економија во земјата.

На состанокот било истакнато дека е-трговијата претставува интегрален дел од дигиталната економија и клучен двигател на конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП). Од АЕТСМ нагласиле дека нивната улога е насочена кон поддршка на бизнис-секторот преку развој на нови онлајн продажни канали, едукација, истражувања и иницијативи за унапредување на пазарот.

Во рамки на соработката, двете страни ќе разменуваат информации, анализи и експертиза, ќе учествуваат на заеднички настани и обуки, ќе развиваат едукативни и развојни програми и ќе разгледуваат можности за заедничка подготовка и реализација на проекти на национално и меѓународно ниво.

„Поттикнување на дигитализацијата на бизнис секторот е еднакво важна како и дигитализацијата на државната управа. Таа нуди нови можности за раст на бизнисите, поголеми приходи, рационализација на расходи и простор за иновации. Оттука, партнерството со Асоцијацијата за е-трговија сметаме дека ќе придонесе кон поголема мобилизација на бизнис секторот во насока на откривање на можностите кои ги нудат новите алатки“, изјави г-дин Андоновски.

Од АЕТСМ изразија подготвеност да придонесат во имплементацијата на Стратегијата за дигитализација „Смарт МК 2030“, особено во делот на дигитализација на ММСП, развој на дигитални вештини и поттикнување на безготовинските плаќања.

„Е-трговијата не е само уште еден канал на продажба – таа е инфраструктура на модерната економија. Преку оваа соработка со Министерството за дигитална трансформација, правиме чекор кон системско позиционирање на е-трговијата како двигател на дигиталната економија и конкурентноста на македонските компании“, истакна Ангеловска-Станков, претседателка на АЕТСМ.

Дополнително, на средбата било разговарано и за важноста од стимулирање на безготовинските плаќања, како и за можни заеднички иницијативи во таа насока, кои во наредниот период ќе бидат дополнително разгледувани и разработувани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни