Иницијатива О2: Аерозагадувањето во Македонија е здравствена криза, не еколошка тема

Според најновата анализа, државата со години не ги исполнува законските обврски за мерење на загадувачите, а мерките за заштита на здравјето се оценуваат како симболични и недоволни.

Иницијативата Иницијатива О2 предупредува дека аерозагадувањето во Македонија претставува сериозна здравствена криза, а не само еколошки проблем, нагласувајќи дека најчестите загадувачи се класифицирани како канцерогени од прва група.

Според нивната анализа, честичките PM2.5 и PM10, издувните гасови од дизел возилата, бензенот, полицикличните ароматични јаглеводороди, како и одредени тешки метали од индустријата и согорувањето на дрва, јаглен и нафта, се докажано канцерогени супстанции според Меѓународната агенција за истражување на ракот. Оттаму заклучуваат дека проблемот не смее да се третира како политичко или сезонско прашање, туку како итна закана по јавното здравје.

Македонија со години се наоѓа меѓу земјите со највисока стапка на смртност поврзана со изложеност на PM2.5 честички во Европа. Во 2023 година, според податоците што ги наведува иницијативата, починале 222 лица на 100.000 жители поради долгорочна изложеност на вакво загадување.

Во осврт на состојбата во 2025 година, од Иницијативата О2 посочуваат дека и понатаму постојат сериозни пропусти во системот за мониторинг. Дел од мерните станици со години не работат, а во моментов 39 инструменти се нефункционални, што претставува околу 30 проценти од вкупната опрема. Дополнително, не се мерат редовно тешките метали, бензенот, бензо(а)пиренот и хемискиот состав на PM2.5, иако тоа е законска обврска.

Во однос на концентрациите, анализата покажува дека загадувањето со PM2.5 во зимскиот период достигнува вредности и до 18 пати над здравствените граници, а надвор од грејната сезона до 3,5 пати повисоки. Загрижувачки е и тоа што дури и Лазарополе, кое се смета за референтно чисто подрачје, не ги исполнува здравствените стандарди за овие честички.

Слична е состојбата и со PM10 честичките, кај кои зимските концентрации се до 7,5 пати повисоки од препорачаните здравствени вредности. Само Лазарополе има вредности во рамките на заштитата на здравјето.

Иницијативата посочува и на загадувањето со азотен диоксид (NO₂), кое најчесто потекнува од сообраќајот и согорувањето на фосилни горива, а за кое, како што велат, ретко се зборува. Во Скопје, но и во Тетово, Кавадарци, Кичево и Охрид, се регистрираат концентрации и до четири пати повисоки од здравствените граници, особено на мерни места во близина на фреквентни сообраќајници.

Од Иницијативата О2 оценуваат дека ниту централната ниту локалната власт не презеле систематски мерки за намалување на загадувањето во изминатите години. Како пример го наведуваат субвенционирањето на ограничен број инвертер-клими и филтри за оџаци во Скопје, што, според нив, не може да има реален ефект во град со меѓу 40.000 и 55.000 домаќинства што се греат на дрва.

Тие потсетуваат и дека во државата се регистрирани над 684.000 возила, од кои две третини се дизел и исто толку се постари од 15 години, додека не е воведена забрана за увоз на возила под еколошките стандарди ЕУРО 5 и ЕУРО 6, иако тоа претходно било најавувано.

Иницијативата О2 заклучува дека дозволувањето вакви практики значи свесно одложување на решението и повикува на итни, системски и обврзувачки мерки за заштита на здравјето на граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни