Аеродромите од поранешна Југославија опслужиле 5,4 милиони патници во првиот квартал од 2025 година: Два аеродрома во топ 100 европски аеродроми

Белград и Приштина се единствените аеродроми од регионот кои се најдоа на листата на 100 најпрометни европски аеродроми во првиот квартал – Белград на 67. место, а Приштина на 94. позиција

Аеродромите на просторот на поранешна Југославија заеднички опслужиле повеќе од 5,4 милиони патници во првите три месеци од 2025 година. Според достапните податоци, биле регистрирани вкупно 5.428.484 патници, додека во март низ регионалните аеродроми поминале 1.931.234 патници, пишува ExYuAviationNews.

Белград и Приштина се единствените аеродроми од регионот кои се најдоа на листата на 100 најпрометни европски аеродроми во првиот квартал – Белград на 67. место, а Приштина на 94. позиција. Белградскиот аеродром „Никола Тесла“ се најде веднаш зад Софија, Малта и Фуертевентура, а пред Тенерифе, Келн и Палермо. Приштина беше позиционирана под Гетеборг, Луксембург и Тбилиси, но пред Пиза, Трондхајм и римскиот аеродром Чампино.

Загрепскиот аеродром се најде на 103. место, веднаш зад Вилњус, Ставангер и Тромсе, но пред Вроцлав, Каљари и Лондон Сити. Скопје е на 123. место, пред Салцбург, Инсбрук и Пафос, додека Сараево беше на 144. позиција, пред Лајпциг, Лил и А Коруња.

Во меѓувреме, Подгорица во март ја престигна Љубљана, иако двата аеродрома забележале пад во споредба со претходната година. Главната причина за намалувањето на патничкиот сообраќај во главниот град на Црна Гора, кој изнесуваше 4,9%, е намалувањето на операциите на Рајанер, кој за време на зимската сезона ги суспендираше сите линии освен една. Со тоа, капацитетот на компанијата во март беше намален за повеќе од 50%.

Ниш и Охрид продолжија да бележат поскромни бројки, главно поради намалувањето на капацитетите на Wizz Air, додека аеродромот Морава кај Краљево забележа двоцифрен раст, удвојувајќи го бројот на патници во однос на минатата година.

На европско ниво, лондонскиот Хитроу беше најпрометниот аеродром во првиот квартал од 2025 година со 18.258.402 патници, додека истанбулскиот аеродром беше втор со 17.973.085 патници. Следат Париз Шарл де Гол (15,9 милиони), Мадрид (15,5 милиони), Амстердам (14,8 милиони), Франкфурт (12,4 милиони), Барселона (11,8 милиони), Истанбул Сабиха Гокчен (10,3 милиони), Рим Фјумичино (10,2 милиони) и Лондон Гетвик (8,4 милиони).

Иако сообраќајот генерално се опоравува, четири аеродроми од европскиот топ 10 сè уште не го достигнале нивото од 2019 година: Париз CDG (-3,5%), Амстердам (-4,3%), Франкфурт (-16,1%) и Лондон Гетвик (-12,8%).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни