Поминаа пет недели откако „Adolescence“ го освои „Нетфликс“, а серијата сè уште привлекува огромно внимание и соборува рекорди на гледаност.
Оваа реномираната мини-серија, напишана од Џек Торн и Стивен Греам, продолжува да се појавува во глобалните топ 10 серии на англиски јазик – иако првото место сега го зазеде документарната серија Bad Influence: The Dark Side of kidfluencing, која ја престигна со 9,8 милиони прегледи.
Падот на второто место не го забави нејзиниот пораст на листата на најгледани серии на сите времиња – сега надмина 124 милиони прегледи и е рангирана на третото место меѓу сите серии на англиски јазик, зад четвртата сезона на Stranger Things и Wednesday. Тоа е само уште еден во низата успеси на оваа серија која се занимава со негативното влијание на incel културата и интернет инфлуенсерите од „маносферата“ врз младите мажи, пишува Collider.
Иако првично беше замислена како приказна со четири епизоди без продолжение, огромниот одзив што го предизвика серијата го промени ставот и на Нетфликс и на самите автори. Минатата недела беше откриено дека се водат рани разговори за втората сезона во соработка со продукциската куќа на Бред Пит „План Б Ентертејмент“ и режисерот Филип Бараантини, што ќе ја „прошири перспективата“ на серијата.
Целта е Торн и Греам повторно да соработуваат на една сосема нова приказна, одвоена од онаа за 13-годишниот Џејми Милер (Овен Купер) и неговото семејство. Сопругата на Греам, продуцентката и актерка Хана Волтерс, истакна дека „има уште многу простор“ да се истражуваат приказни кои се занимаваат со човечката природа и современите општествени прашања.