Администрацијата на Трамп му се заканува на Харвард со забрана за прием на странски студенти

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вчера му се закани на Универзитетот Харвард со забрана за прием на странски студенти, доколку институцијата не прифати целосна контрола врз политиките за прием, вработување и политичка ориентација.

„Ако Харвард не може да докаже дека целосно ги почитува своите обврски, ќе ја изгуби привилегијата за запишување странски студенти“, стои во соопштението на Министерството за внатрешна безбедност на САД.

Само неколку дена претходно, Министерството за образование веќе замрзна федерални субвенции во износ од 2,2 милијарди долари наменети за Харвард, откако универзитетот одби да ги исполни барањата од Белата куќа. Дополнително, администрацијата најави можност за укинување на даночните олеснувања што ги има универзитетот.

Белата куќа доставила барања до раководството на Харвард, меѓу кои се и укинување на политиките за различност и промена на програми што наводно „поттикнуваат антисемитско вознемирување“.

Претседателот Трамп, преку својата социјална мрежа „Трут Соушал“, изјави дека Харвард подучува „омраза и глупост“ и не треба повеќе да добива државни средства.

Истовремено, медиумите CNN и Вашингтон Пост јавуваат дека Трамп официјално поднел барање до даночните власти за укинување на даночните ослободувања на Харвард.

Универзитетот, кој се наоѓа во Бостон и брои околу 30.000 студенти, е на врвот на Шангајската листа на најдобри светски универзитети и досега има 162 добитници на Нобелова награда.

Конфликтот меѓу Трамп и водечките американски универзитети ескалираше по протестите на студентите кои изразија поддршка за Палестина за време на воените дејствија на Израел во Газа во пролетта 2024 година. Републиканците тогаш обвинија повеќе универзитети, меѓу кои и Харвард, дека не ги заштитиле еврејските студенти.

Неколку ректорки, вклучително и од Харвард и Колумбија, поднесоа оставки. За разлика од Колумбија, која прифати длабински реформи, Харвард остана цврст во својата позиција.

Ректорот Алан Гарбер изјави дека Харвард веќе има иницирано активности против антисемитизмот и дека нема да отстапи од својата независност и уставно загарантираната слобода на изразување, со што, според него, се штити Првиот амандман.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни