Администрацијата на Трамп ги укинува средствата за истражувања на Харвард

Министерката за образование Линда Мекмахон изјави дека елитниот универзитет го исмеал високото образование и повеќе не треба да бара федерална поддршка.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Универзитетот Харвард повеќе нема да добива јавни средства за истражувања, во остра ескалација на судирот со овој престижен универзитет.

Во писмо до Харвард испратено во понеделникот, министерката за образование Линда Мекмахон напиша дека универзитетот го „исмеал“ високото образование и дека нема повеќе право да бара државна поддршка: „Харвард ќе престане да биде јавно финансирана институција и ќе функционира како приватна, потпирајќи се на својот огромен фонд и богатата мрежа на поранешни студенти.“

Овој потег следи откако минатиот месец администрацијата замрзна речиси 2,3 милијарди долари федерални средства за Харвард, наведувајќи дека универзитетот не успеал да се справи со растечкиот антисемитизам на кампусот. Универзитетот одби повеќе барања за кои тврдеше дека претставуваат „непримерена владина контрола“, меѓу кои и надворешни ревизии на наставниот кадар и студентите.

Мекмахон во писмото истакна вообичаени критики од конзервативците: дека Харвард има ниски академски стандарди, дека прима странски студенти со насилно однесување и непочитување кон САД, и праша:
„Кои се овие ‘студенти’, од каде доаѓаат и како влегуваат во земјата — и зошто има толку многу мрза?

Харвард, кој веќе поднесе тужба против замрзнувањето на средствата, изјави дека најновата одлука има „застрашувачки импликации за високото образование“. Универзитетот додаде дека ќе продолжи да се залага за законитост, разноликост на ставови и борба против антисемитизмот, но и дека ќе се брани од, како што го нарече, незаконското надминување на владините овластувања.

Контроверзиите доаѓаат по студентските протести против израелската воена интервенција во Газа, по што беа објавени извештаи за антисемитски и антимуслимански инциденти на кампусот.

Претседателот на Харвард, Алан Гарбер, изрази загриженост за исклучување на одредени студенти поради нивниот идентитет или верувања, и вети дека ќе ги зголемат напорите за да го направат кампусот простор на заемна почит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни