Долгогодишната цел на претседателот на САД, Доналд Трамп, Америка да го добие Гренланд, премина од реторика во официјална американска политика, а Белата куќа развила конкретен план за добивање на ова арктичко острово од Данска, пишува денес Њујорк Тајмс.
Според планот на Трамп, САД треба да дојдат до припојување на Гренланд преку „убедување“, а не преку инвазија.
Администрацијата на САД, според планот, исклучува воено заземање на островот, но зборува за користење на „мека моќ“, изјавиле информирани извори за Њујорк тајмс.
Еден од нив открил дека Вашингтон ќе започне медиумска кампања за да ги убеди 57.000 жители на островот да побараат од САД да го анектираат Гренланд. Социјалните мрежи би можеле да се користат како платформа за влијание врз јавното мислење.
Советот за национална безбедност на Белата куќа подготвил конкретни упатства за различни агенции за тоа како да го спроведат генералниот план за анексија на Гренланд. По тоа, американските власти ќе почнат да тврдат дека Данска, која има суверенитет над островот, не се грижи доволно за своите граѓани.
Американските функционери, исто така, тврдат дека само САД можат да го заштитат Гренланд од потенцијална инвазија од Русија или Кина.
Можно е администрацијата на Трамп да им вети и по околу 10.000 долари годишно на секој жител на островот, што би ја заменило годишната субвенција од 600 милиони долари која Данска ја обезбедува за Гренланд.
Според Њујорк тајмс, некои официјални лица во Трамповата администрација веруваат дека тие трошоци би можеле да се покријат со приходите од експлоатацијата на природни ресурси на островот, вклучувајќи ретки земни минерали, бакар, злато, ураниум и нафта.
Во планот се вклучени неколку министерства, зад подолгогодишната Трампова желба да го „добијат“ Гренланд, чие економско и стратешко значење се зголемува поради топењето на арктичкиот мраз.
Со површина од над два милиони квадратни километри, Гренланд му нуди на Трамп – кој некогаш градеше облакодери на Менхетен – можност за, како што тој го гледа, еден од „најголемите имотни договори во историјата“.
Данските власти гневно истакнаа дека ретко населеното острово не е на продажба и не може да биде припоено, но Трамп јасно покажа решеност да го стави под своја контрола.
„Ни треба Гренланд за национална безбедност, па дури и за меѓународна безбедност, и работиме со сите засегнати страни за да се обидеме да го добиеме“, изјави Трамп пред Конгресот минатиот месец, додавајќи: „Ќе го добиеме, на овој или оној начин.“
Кон крајот на март, американскиот претседател изјави дека е многу веројатно дека анексијата на полуостровот ќе се случи без употреба на воена сила