Платформа за родова еднаквост

Платформа за родова еднаквост: Функцијата градоначалник не е за да прави поделби

Денес Хелсиншки комитет за човекови права објави текст во кој изразува неверување заради заканувачката реторика на градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов кон граѓанските организации кои не се согласуваат со неговото практикување на функцијата градоначалник. Костадинов, преку јавно изразениот став на неговата официјална страна на социјалните мрежи на 21.06.2023 година, се заканува со вето и ништовност на соработка со граѓанските организации кои имаат критички став кон последните случувања на територијата на општина Струмица. Ваквиот наратив за ставање вето на соработката со „неистомислениците“ во граѓанскиот сектор кои се залагаат за унапредување на родовата еднаквост и почитување на основните човекови права создава дополнителна поларизација помеѓу граѓаните и поттикнува говор на омраза, насилство и нетолеранција.

Од платформата за родова еднаквост велат: „Сакаме да го потсетиме градоначалникот дека ваквата реторика на „подобни“ и „неподобни“ граѓански организации беше главен политички инструмент на минатиот автократски режим на владеење, против кој сите се боревме за да ги ослободиме граѓаните и институциите, со верување дека никогаш повеќе нема да се повтори.

Го повикуваме градоначалникот на општина Струмица да се воздржи од понатамошни критики кон граѓанските организации кои се борат за унапредување на родовата еднаквост, како основно човеково право и една од најголемите демократски вредности на секое општество. Укажуваме дека ваквите негови настапи само може уште повеќе да поттикнат омраза и насилство кон различните и маргинализираните групи, а за кои градоначалникот е должен да ја обезбеди нивната безбедност и живот. Тие се чекор назад во демократијата и приближувањето кон ЕУ и не и носат никакво општествено добро на нашата земја“.

Тие потсетуваат дека законот за родова еднаквост не е против ниту еден граѓанин, децата и семејствата, ниту пак со истиот се одземаат нечии права, туку вклучува подобри институционални механизми за унапредување на положбата на жената, еднаквост на жените и мажите во остварувањето на својот личен, социјален, економски и општествен потенцијал. Законот е за подобро утре за жените, децата, за демократијата, за еднаквоста во општеството.

Најново

Последни колумни