80 работници затруени во РЕК Битола, кујната времено затворена

Од Синдикатот велат дека ја следат ситуацијата и дека ќе бараат одговорност ако се потврди дека причината е храната или хигиената во кујната

Најмалку 80 работници се пожалиле на здравствени проблеми по масовно труење кое најверојатно се случило во мензата на РЕК Битола.

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), вчера, по добиена телефонска дојава за сомнеж за труење со храна во РЕК Битола, во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, Институт за јавно здравје – Скопје и инспектори на Државниот санитеран и здравствен инспекторат, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот кој вршел снабдување со храна на РЕК Битола.

Во координирана акција, земени се мостри од храна и брисеви од работни површини, раце и нос на затекнати вработени лица во кујната, соопшти агенцијата.

Наредено било вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување на вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица.

На случајот со масовно труење реагира и Независниот синдикат на АД ЕСМ.

Оттаму, велат дека ја следат ситуацијата и дека ќе бараат одговорност ако се потврди дека причината е храната или хигиената во кујната, нагласувајќи дека јавни коментари за причината засега треба да се воздржат додека институциите не завршат со испитувањето.

Инаку во текот на вчерашниот ден најмалку 81 лице се пријавило во здравствените установи со симптоми на труење од храна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни