Порок или страст – 70% од македонските граѓани пушат цигари

Никотинот е тој кој ја создава зависноста и затоа по дваесетина минути од последната испушена цигара повторно се јавува желбата за нова, појаснуваат пулмолозите. Сепак никотинот е само една од штетните супстанци кои се содржи во чадот од цигарите.

Македонија е една од земјите со највисока стапка на пушење тутун во европскиот регион на Светската здравствена организација. Скоро половина од возрасната популација пуши редовно цигари, а 70 отсто од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден, скоро една кутија. Ова стои во последната студија на локалната канцеларија на СЗО, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Програмата за развој на Обединетите Нации.

Македонските граѓани не сакаат да се откажат од пушењето цигари. Тоа го потврдува и малиот интерес за посета на десетте Центри за одвикнување од пушење, потврдуваат од Институтот за јавно здравје.

„Минатата година само околу четириесетина луѓе се јавиле во советувалиштата за одвикнување од пушењето цигари, што е навистина поразителна бројка“, вели Мартин Петровски, доктор на медицина од Институтот за јавно здравје. Тој посочува и дека од година во година се спушта и старосната граница на луѓето кои стануваат активни пушачи.

„Пред ковид пандемијата имаше поголем интерес за одвикнување од пушењето. Тогаш на годишно ниво се јавуваа околу 200 луѓе, но како што почна, а сега и заврши пандемијата тој број е спуштен на нешто под 50. Уште еднаш ќе кажам тоа е поразително, особено што се повеќе млади стануват пушачи. Затоа ние работиме токму и со младината, бидејќи многу е потешко некој да се откаже отколку да стане пушач.

Покрај активните, страдаат и пасивните пушачи, појаснуваат експертите. Укажуваат дека ризиците по здравјето имаат како краткорочни  така и долгорочни последици.

„Краткорочните последици се дејството на јаглеродниот моноксид и никотинот кои предизвикуваат забрзано дишење, забрзана срцева работа, губиток на енергија и малаксаност. Сето тоа води и до долгорочните последици кои вклучуваат покачен крвен притисок, малигни заболувања, развивање на хронични белодробни заболувања како асма, но и дијабетот“, вели Петровски.

Никотинот е тој кој ја создава зависноста и затоа по дваесетина минути од последната испушена цигара повторно се јавува желбата за нова, појаснуваат пулмолозите. Сепак никотинот е само една од штетните супстанци кои се содржи во чадот од цигарите.

Таквите супстанци не влијаат штетно само на органите за дишење, туку на целиот организам, појаснува Д-р Деска Димитриевска, пулмолог при Клиниката за пулмологија.

„Ако дојдеме во контакт со бактериска или вирусна инфекција не е сеедно дали слузницата на дишните патишта е здрава или веќе е оштетена од чадот од цигари. Доколку е оштетена таа е како влезна врата за инфекциите. Луѓето со таква здравствена состојба не само што се поподложни на бактериски и вирусни инфекции туку и тежината и траењето на болестите се многу поизразени, а со тоа и тешко е лекувањето“, појаснува пулмолог Димитриевска.

Нагласува дека штетните супстанци од чадот од цигарите, преку крвниот систем се разнесуваат низ целиот организам, а со тоа не постои орган кој не страда.

„Тоа води до зголемен број на срцеви и мозочни удари, но и зголемен крвен притисок. Едноставно, кога ќе се вдише чадот од цигари тој делува локално на дишните патишта, но системски влијае на организмот во целина“, додава пулмолог Димитриевска.

Инаку денешниов ден 31 Мај, Светски ден за борба против пушењето се одбележува уште од 1987 година. Според СЗО во светот пушат 1,1 милијарда луѓе од кои 200 милиони се жени. Годишно, 6 милиони луѓе умираат од пушење, меѓу нив 600 илјади пасивни пушачи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни