Седми април е новиот рок на Трамп за напад врз иранските енергетски постројки

Трамп објави дека за уште 10 дена ги одложува најавените удари врз иранските енергетски постројки, додека тврди дека разговорите за Ормускиот теснец одат добро.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека повторно ќе го продолжи рокот што му го даде на Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец или, во спротивно, ќе се соочи со уништување на своите енергетски постројки, откако Техеран претходно го отфрли американскиот предлог од 15 точки за прекин на борбите. Тој на социјалните мрежи напиша дека ќе ги одложи најавените напади врз иранските енергетски постројки за 10 дена, односно до 6 април во 20 часот по источно американско време, што е 7 април по Гринич.

„Разговорите продолжуваат и, и покрај погрешните тврдења на лажните медиуми и други, тие одат многу добро“, напиша Трамп на Truth Social.

Во објава на Truth Social, Трамп наведе дека разговорите продолжуваат и дека, и покрај сомнежите и критиките, одат „многу добро“. Иран, пак, тврди дека не води директни разговори со Вашингтон, а засега нема јасно објаснување со кого точно САД преговараат, во услови кога дел од високите ирански функционери беа убиени во текот на војната. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека постојат информации за индиректни контакти и подготовки за можна директна средба.

Во меѓувреме, тензиите околу Ормускиот теснец дополнително ја продлабочуваат кризата. Иран практично го блокираше клучниот поморски правец низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта и течниот природен гас, што предизвика раст на цените на енергенсите и нови стравувања за глобална инфлација. Техеран предупреди дека ќе возврати со напади врз енергетски објекти во регионот на Заливот доколку САД ја реализираат заканата.

Војната веќе има сериозни последици и на терен и на пазарите. Според извештаите, во напади врз повеќе ирански градови има жртви и спасувачки операции, додека во регионот е нарушено енергетското производство. Тоа влијае не само врз цените на нафтата и гасот, туку и врз цената на ѓубривата, што дополнително го зголемува притисокот врз светската економија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни