63. Струшки вечери на поезијата: Отворање со поетското читање „Меридијани“ и допирот на убавината

Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Домот на поезијата, вечерва со почеток во 20.30 часот ќе се одржи свеченото отворање на 63. издание на Струшките вечери на поезијата. Отворањето ќе се случува во големата сала на Центарот со уникатна сценографија подготвена од ОТП студио, која ги поврзува главната и летната сцена, создавајќи простор за разни мултимедијални настани. Оваа иновација, која овозможува импресивен волумен на просторот, е направена за првпат по повеќе од 30 години, според организаторите на СВП.

Свеченоста ќе вклучи настап на пијанистот Дино Имери, а поетската порака ќе ја прочита Веле Смилевски. Фестивалот ќе го отвори министерот за култура Зоран Љутков. Првото поетско читање „Меридијани“ ќе биде одржано во рамките на отворањето, каде ќе настапат реномирани поети како Жан Пјер Симеон, добитник на „Златниот венец“, Катица Ќулавкова, лауреат на наградата „Браќа Миладиновци“, Катрин Пиц, добитничка на наградата „Мостови на Струга“, шведскиот поет Бенгт Берг и многу други домашни и странски поети.

Годинешното мото на фестивалот е „Допир на убавината“, со цел да се истакне поетскиот јазик како врска помеѓу човечкото битие и убавината. Дополнително, мотото е и ода на иновацијата на Брајовото писмо, кое пред 200 години овозможи на слепите лица преку допир да ја почувствуваат убавината на книгата и поезијата.

Најново

Последни колумни