Поставени 60 камери во Националниот Парк Маврово за заштита на дивиот свет

Новиот систем за видеонадзор во Националниот парк „Маврово“ треба да овозможи подобро следење на дивите животни и побрза реакција при незаконски активности.
Фото: Национален парк Маврово

Во Националниот парк „Маврово“ се поставени 60 камери на различни локации низ паркот, како дел од нов систем за видеонадзор што треба да придонесе за подобра заштита на дивиот свет, природните ресурси и посетителите.

Од управата на паркот информираат дека системот го имплементира Одделението за заштита и мониторинг, во рамки на законските обврски за зачувување и одржливо управување со природните вредности, биолошката разновидност и екосистемите.

Како што посочуваат од Националниот парк „Маврово“, камерите ќе овозможат следење на движењето на дивите животни и нивната бројност, но и превенција и рано откривање на незаконски активности, како што се бесправна сеча, лов, загадување и уништување на природните ресурси.

Од паркот велат дека видеонадзорот ќе помогне и во подобро следење на состојбите во природата, како и во навремена реакција на надлежните служби, со што треба да се унапреди севкупното управување и заштита на ова заштитено подрачје.

Воедно, од управата апелираат до посетителите да ги почитуваат правилата за движење и престој во паркот и да се однесуваат одговорно кон природното богатство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни