Клубот на сопственици на легендарната Volkswagen „Буба“ викендов – заедно со пријателите од земјата и регионот го прослави својот 13-ти роденден!
„Од кога знам за себе сум вљубен во Бубата. Оваа моја убавица е од 1967 година. Ја купил дедо ми, од страната на татко ми, па ја возеше татко ми, а сега јас. Се надевам дека или син ми или ќерка ми ќе ја продолжи традицијата“, вели Тиберие Кирјакис, претседател на Буба Клуб Македонија. Подготвувајќи ги сите реквизити како знаменца, кои дополнително и даваат шмек на Бубата, Тиберие на екипата на Трн со доза на среќа и зборуваше зошто и ден денес не го менува својот прв автомобил.
„За оваа Буба не ни размислувам да ја правам хибрид, ќе остане на фосилно гориво иако има китови да се електрифицира. Звукот што го дава боксер моторот е незаменлив. Овие олдтајмери имаат дух баш поради тој звук и мирисот кој се создава во кабината“, вели Кирјакис.
Иако малку на број, секој од олдтајмерите кои пристигнуваа пред платотот на СЦ Борис Трајковски во Скопје раскажуваше своја приказна. Едни понови во однос на останатите, други повпечатливи со детали од останатите.
„Во Македонија има резервни делови, но не многу. Секој од нас кој е верен чувар на својот олдајмер се снаоѓа како знае и умее. Често контактираме со познаници и пријатели од странство, па така ги одржуваме Бубите, но и сите други вакви автомобили. Неопишливо е чувството кога гледаш дека олдтајмерите будат интерес кај луѓето. Доаѓаат да ги видат, да го почувствуваат духот на едно време кога овие автомобили важеле за технолошко достигнување“, додава Тиберие Кирјакис.
Кирјакис се качи во својата 56 годишна пријателка на четири тркала. По него тргнаа и останатите Буби, но и четири Спачаци и два Фиати 850. Скопјани и сите оние кои се најдоа на булеварите од СЦ „Борис Трајковски“ до центарот на Скопје уживаа и се восхитуваа на секој од уникатните автомобили.
Инаку, Буба Клуб Македонија постои веќе 13 години. Пред безмалку деценија и половина клубот започна со работа и зад себе има бројни искуства и незаборавни моменти. Учества на меѓународни настани, собири и натпревари, но и дава многу помош и поддршка за сите членови на клубот. Своето знаење и искуство го споделуваат и со останатите клубови низ Македонија.
Годинешниов 22 јуни кој важи за Ден на Бубата Кирјакис и неговите истомисленици од Македонија и земјите во регионот го прославија во Грција. Следниот ден, за 13-от роденден на Буба Клуб Македонија ги удостоија булеварите на градот под Водно, за веќе следниот ден да заминат за Србија.