Во јули 1969 година, астронаутите Нил Армстронг, Мајкл Колинс и Едвин „Баз“ Олдрин со Аполо 11 за прв пат го однесоа човештвото на месечината. Тие ја исполнија целта на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди поставена во мај 1961 година – да одат на Месечината и безбедно да се вратат на Земјата.
Аполо 11 кон Месечината се упати на денешен ден, пред 55 години со што години на истражување, тестови и развој на вселенската програма добија кулминација.
Астронаутите слетаа на Месечината на 20 јули, од каде што собраа 21.5 килограми примероци кои ги донесоа на Земјата за испитувања. На површината на Месечината, Аполо 11 помина 21 час и 36 минути, пред да се вратат назад.
Тие се вратија на Земјата на 24 јули безбедно, а научниците два дена подоцна започнаа со испитување на камњата и примероците кои ги донесоа од Месечината, додека Армстронг, Колинс и Олдрин мораа да поминат уште три недели во карантин.