Во очекување на Програмата за 2024 година започнуваме со првиот вон програмски проект и одбележување на педесетгодишното творештво на академскиот скулптор Ангел Димовски – Чауш.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2024/01/418954208_1184571519186096_4586337114219749560_n-423x1024.jpg)
Ве информираме дека во Националната галерија, објектот Чифте амам, на 1 февруари 2024 година, во 19.30 часот ќе се отвори ретроспективната изложба на Ангел Димовски – Чауш насловена „50 години творештво“. Македонската јавност ќе има можност да се запознае со богатиот творечки опус на овој наш уметник кој повеќе децении живее и работи на релација Македонија – Франција.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2024/01/416124789_1367750100518342_4303304828465762283_n-1024x1012.jpg)
Делата на Ангел Димовски – Чауш, творени во текот на изминативе педесет години, имаат четири тематски/идејни целини. Компонирани се од фигуративни, предметни, јазични и археолошко-етнографски содржини.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2024/01/420661950_4377907822434650_2157329123592040_n-890x1024.jpg)
На стилски план е остварен личен израз во сите четири тематски целини, како спој на инвентивно употребен еклектицизам на архаичното, примитивистичкото, нивните модернистичко-авангардни преработки, поп и рок културата. Во таа смисла, скулптурите на Ангел Димовски – Чауш припаѓаат на модернистичко авангардната линија кој исконското го внесе во модерното. Тоа се скулптури чиј заеднички именител е интенцијата да се изрази говорот на телото обликувано во стилизирани робусни и елегантни анатомски дисторзии, или сведено на апстрахирано тело-лушпа во активност. Во неговите дела се препознаваат главниот мотив – жената и придружниот мотив на птицата, при што асоцијациите за преплетување на антропоморфното во зооморфното, и обратно, се често присутни.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2024/01/416430543_190020017501417_1341426078518806912_n-1013x1024.jpg)
Другата целина ја претставуваат сликарско-скулпторски објекти со критичка ангажираност на конкретни актуелни состојби, случувања и процеси во екологијата, политиката, културното наследство, националниот идентитет, сообраќајната (не)култура.
Третата целина се омажи за писмото/јазикот, за описменувачите и јазичните кодификатори на старословенската глаголица и кирилица, и на современиот македонски јазик, додека четвртата целина е своевиден омаж на т.н. примитивизам на црнечката скулптура споена со сензибилитетот на поп и рок културата, на која и припаѓа уметникот од времето на неговата младост.
Изложбата ќе биде поставена до 20 февруари 2024. Куратор е Љупчо Маленков а соработник куратор е Горанчо Ѓорѓивески, кустос во Националната галерија.