„50 години, две легенди“ – нова симболична соработка меѓу БМВ Македонија и Влатко Стефановски
Денес се одржа прес-конференција по повод новата соработка меѓу брендот и легендарниот македонски гитарист Влатко Стефановски. Настанот го носи насловот „50 години, две легенди“ – симболично спојување на два јубилеја: половина век музичка кариера на Стефановски и 50 години од постоењето на најуспешната БМВ серија – серија 3.
Салонот беше исполнет со многубројни гости од различни сфери – уметници, културни работници, деловни партнери и автомобилски ентузијасти – како и бројни медиумски екипи кои го следеа настанот.
На самиот почеток, Влатко Стефановски им се заблагодари на присутните и со доза на искреност се наврати на почетоците на соработката со БМВ:
„Кога во 2018 година дојде време да менувам автомобил, тогаш го купив моето прво БМВ – и од тогаш почна оваа приказна. Многу ретко сум барал нешто директно – обично менаџерите ги прават тие работи, бараат поддршка од компании. Но оваа идеја не беше моја, туку дојде од луѓето од М Кар, и искрено им благодарам.“
Во своето обраќање, Стефановски ја истакна важноста на квалитетниот превоз во животот на еден музичар:
„Имаме неколку опсесии – гитари и се што е поврзано со музика. Но, ни треба и автомобил за да стигнеме таму каде што треба да свириме. Многу е важно да се возиме во сигурни и квалитетни автомобили. Од кога почнав да возам БМВ, сфатив колку тоа значи – удобност, безбедност, сигурност. Автомобилот ни е потребен исто како и инструментите.“
Тој додаде дека сè почесто избира да патува со автомобил наместо со авион:
„Во последно време, авионите се многу рестриктивни кога се работи за носење инструменти. Особено нискобуџетните авиокомпании. Со автомобил, слободата е многу поголема – носиш што сакаш, кога сакаш.“
Од страна на домаќините, на присутните им се обрати генералниот директор на М Кар, Марко Јовановски, кој ја потенцираше длабочината на оваа симболична соработка:
„Педесет години музичка кариера на гитарскиот виртуоз и 50 години БМВ серија 3 – тоа е повеќе од случајност. Тоа е прилика да потсетиме на едно емотивно патување низ пет децении – и на сцената, и зад управувачот. Патување што покажува дека квалитетот, страста и посветеноста се вредности што траат – и во музиката, и во автомобилската индустрија.“
Соработката меѓу БМВ Македонија и Влатко Стефановски е повеќе од спој на бренд и уметник – таа е приказна за доверба, вредности и заедничка визија. Како што рече Влатко на крајот од обраќањето:
„Верувам дека со ова БМВ ќе имаме многу среќни и безбедни километри – и на патот, и во музиката.“