Десетици илјади луѓе денес излегоа на улиците на источниот шпански град Валенсија, барајќи правда и одговорност по трагичните поплави што пред една година одзедоа 229 животи.
Повеќе од 50.000 демонстранти со транспаренти на кои пишуваше „Мазон во затвор“ и „Не умреа – беа убиени“ го исполнија центарот на градот, барајќи оставка од регионалниот лидер Карлос Мазон поради неговото однесување за време на катастрофата.
Жителите ги обвинуваат властите дека предоцна издале предупредувања, кога водата веќе ги преплавила зградите, што довело до најкатастрофалната поплава во Европа по 1967 година.
Во тек е судска истрага за реакцијата на властите, а неодамна бил повикан и локален новинар кој ручал со Мазон на денот на поплавите. Минатата недела властите објавија дека по една година било пронајдено телото на 56-годишен маж што исчезнал во водената стихија.
Катастрофата ја предизвика моќен временски систем познат како DANA, при кој се судираат топол и студен воздух, создавајќи интензивни дождови – феномен кој, според експертите, станува сè почест поради климатските промени.
