„Култура Бета“, најпрво како неформална, а потоа и како формална организација постои и работи во сите полиња на културата веќе 5 години. Покрај електронските платформи на кои објавува поезија, проза, музика, интервјуа, рецензии на филмови, книги и изложби, ,,Култура Бета” организира и културни настани, меѓу кои и веќе препознатливите „Поетска епизода“, „Клинци“ и „Ре-култура“.
Главна цел на колективот за овие пет години е создавање на простор за промоција, афирмација и запознавање на творештвото на младите македонски уметници.
Роденденот на „Култура Бета“ се прославува под мотото „Ослободи ја младинската култура“ и токму затоа овој настан е отворен за целата публика, за сите уметници и секој може да земе директно учество во него.
Настанот започнува во 21:00 часот со поетско-музички и визуелен настан „Сеопшт џем“. Потоа ќе следи диџеј сет на Макс и Тео. Во рамки на настанот ќе настапат младите поети и поетеси Ива Петреска, Ивана Јовановска, Виктор Бучковски, Методија Тасевски и Јасна Тркова кои ќе читаат поезија во придружба на музичарите од новата генерација Дарио Циевски, Мартин Џорлев, Борјан Гаговски, Дарко Јованов и Ана Томашич. Во текот на вечерта ќе биде поставен и голем колаж кои присутните ќе можат да го дополнуваат, доцртуваат, допишуваат.